X
 09.12.2021 Наша тема

Медицинска војна, не ни влегов во амфитеатар, страв... Што велат младите за животот во пандемија

Младите сметаат дека целата ситуација многу ги попречила во стекнување нови познанства, како и посети на многубројни настани, посета на други земји, а изостанаа и апсолвентските екскурзии. Во целата негативна ситуација млади студенти успеале да извлечат и нешто убаво и поучно, дел од нив се мотивирале да го развијат подоброто во себе, повеќе да ги вреднуваат моралните вредности и да го ценат она што го имаат

„Време на корона“ е терминот што ги одбележа последниве две години поради пандемијата на ковид-19, која направи промени во начинот на живот во целиот свет. Новиот начин на живот има големо влијание врз целата популација, а донесе и несекојдневни промени во животот на младите. Како младите гледаат на ова, како ги прифатија овие промени и дали се свесни за последиците од пандемијата?
- Иако можеби не треба да ја поистоветувам со војните што се случувале на помали или на светски размери, сепак ќе им најдам заедничка точка и ќе ја класифицирам пандемијава како „медицинска војна“. Војните оставаат последици, темни дамки, лекции и секакви трауми, но мислам дека потешкиот дел е да живееш за време на самата војна (во овој случај пандемија) и да се соочиш со „моменталните последици“ и промени - вели Борјана Јорданова (22), која е студент на Економскиот факултет во Скопје.

Петар Димитриевски (23), студент на ФИНКИ, смета дека најмногу страда најмладата популација.

- Последици ќе има за сите нас, но според мене, тие најмногу ќе дојдат до израз кај најмладата популација, основците и средношколците, кои во тој период на адолесценција се скратени од многу уживања. Иако јас лично не сметам дека би имало драстични последици во моето дејствување – вели Петар.


Петар Димитриевски

Ивана Балоска (23), студентка на Медицинскиот факултет, смета дека младите се соочуваат и со здравствени проблеми.
- Сметам дека последиците веќе постојат кај поголем дел од нас и дека дополнително ќе се соочуваме со нив. Постои навистина нагол пораст на анксиозноста и депресијата насекаде во светот. Освен грижата за физичкото здравје, многу е важна грижата за менталното здравје бидејќи сите се соочуваме со стравови, немир и чувство како да сме заробени, а тие не треба да се прикриваат - вели Ивана.


Ивана Балоска

Новото време ни донесе и нов начин на учење. Затоа некои сметаат дека онлајн предавањата имаат предности.
- Со далечинското учење почнав повеќе да истражувам, професорите се фокусираа на интерактивни предавања кои вклучуваа и екстерни линкови од различни трудови, анимации, алатки што постојат на интернет, кои при традиционална настава професорот само би ни ги покажал и не би го задржале нашето внимание - вели Петар.

Но се сретнуваме и со мислење дека овој начин на настава има и недостатоци. За тоа зборува Сара Џамбазовска (20), студент на Архитектонскиот факултет во Скопје, која истакна:
- Со оглед на тоа што од самиот почеток на студиите, па сѐ до денес студирам виртуелно, воопшто не успеав да влезам во факултетските амфитеатри и немав можност да ја почувствувам атмосферата на студентскиот живот, да ги запознам моите колеги и професори, па затоа сметам дека има негативно влијание.

Младите сметаат дека целата ситуација многу ги попречила во стекнување нови познанства, како и посети на многубројни настани, посета на други земји, а изостанаа и апсолвентските екскурзии.
- Со оглед на тоа што имаше карантини, многу настани беа откажани, учењето се одвива на далечина, новите познанства изостануваа, но не запреа - вели Петар.

Но дали само карантините беа причина за тоа или пак и едно чувство кое продре во сите нас, а тоа е стравот?
- Претходните години многу познанства стекнував преку одење на факултет, одење на концерти, одење на секакви настани, изложби, претстави, како и шетање надвор од нашата држава, преку меѓународни проекти и слично. И сега се на дофат многу од овие опции, но во далеку полимитирани услови и со многу мерки, со чувство на страв - вели Борјана.

„Новото нормално“ е новиот начин на живот кој е одбележан со мерки и рестрикции, кои младите се принудени да ги прифатат, односно како што вели Сара: „Прифатиле или не, принудени сме да се навикнуваме на ова „ново нормално“ бидејќи тоа е дел од нашето секојдневие кое не може да се избегне“. Сличен став дели и Борјана: „Го прифатив новиот начин на живот. Мислам дека морав да го прифатам, а со тоа и целосно да се освестам за препреките и предизвиците што ми се дел од секојдневието. Се обидувам, а и со текот на времето повеќе успевам да го минимизирам стравот затоа што вистински преовладува како емоција во оваа „нова нормала“.



Но, може да заклучиме дека младите сепак се оптимисти.

- На „новото нормално“ постојано се приспособуваме бидејќи ситуацијата често се менува. За мене, многу е важен социјалниот амбиент во општеството. Дружбите, патувањата, хобијата иако беа сведени на минимум, луѓето наоѓаа начини да ја испразнат енергијата, да ја наполнат душата, а да ја поттикнат креативноста - истакна Петар.
Во целата негативна ситуација, нашите млади студенти успеале да извлечат нешто убаво и поучно, дел од нив се мотивирале да го развијат подоброто во себе, повеќе да ги вреднуваат моралните вредности и да го ценат она што го имаат.

- Очигледно требало да дојде еден ваков лош период кој нѐ научи повеќе да ги вреднуваме вистинските вредности во животот. Сфатив дека не доволно сме ја ценеле слободата што сме ја имале, но откако ќе го загубиш она на кое претходно не си му давал значење, ја чувствуваш неговата вистинска вредност - вели Сара, која сфатила дека слободата на човекот е бесценета.

Борјана ја сфатила моќта на времето и љубовта на најблиските.
- Дека времето не застанува дури и кога застанува сè околу времето. Дека моментите поминати со најблиските (пријатели, фамилија) никогаш не треба да ги доживуваме како обврска, туку како голема привилегија и притоа да сме присутни психофизички колку што можеме повеќе. Дека плановите што ги правиме не се остваруваат секогаш, и тоа е во ред. Дека е потребно да поминеш време сам со себе и да се одмориш од надворешниот свет. Како за крај, дека позитивната мисла и освестувањето за тоа како стојат работите можат многу да помогнат да поминеш низ одреден нетипичен период низ животот - вели Борјана.

Поуката што ја извлекла Ивана е: - Секој од нас во изминативе две години научи дека животните навики можат да се сменат преку ноќ исто како што можеме да се смениме и ние. Љубовта, емпатијата и човечноста кај секој од нас се вредности кои треба да ги негуваме, водејќи повеќе грижа за нашето ментално и физичко здравје, грижа за нашите најблиски и да се трудиме секој ден да станеме подобра личност од тоа што сме биле вчера.

За некои, пандемијата беше поттик за мотивација и работење на себеси.
- Од оваа пандемија заклучив дека сите ние треба заедно, свесно да придонесеме за нашето општество да напредува. Само со колективен напор ќе излеземе како победници и во пандемијата и во аспирацијата за подобра иднина. Луѓето велат „сакаме да се врати по старо, како пред пандемијата, да си живееме без рестрикции“, а јас би рекол - Ајде да се обидеме старото да го направиме подобро, да се обидеме секој од нас да ја најде својата најдобрата верзија и да создадеме нешто добро што ќе се памети и по оваа пандемија - вели Петар.

За тоа како ќе продолжи животот, сепак нѐ охрабруваат зборовите на младите од кои дознаваме дека тие на еден начин успеале да се справат со новото живеење, дека ги продолжиле своите активности и ја пронашле среќата во малите нешта.

Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема