X
 17.03.2021 Наша тема

Прават списоци на ливчиња, а потоа се тркаат за термини за ПЦР-тестови за Ковид-19

Бројот на заболени се зголемува и закажувањето за ПЦР-тест за Ковид-19 на државен трошок често е проблем. Оние што се сомневаат дека може да се заразени со коронавирус имаат избор да чекаат со денови или, пак, да платат приватно и до 3.000 денари за тест

Зголемен број на заразени со коронавирус и повторно проблеми со закажување за ПЦР-тестови за Ковид-19 на државен трошок. Нема доволно слободни термини за тестирање, кое треба да покаже дали некој има или нема Ковид-19.
Граѓаните имаат избор да чекаат со денови или, пак, да платат приватно и до 3.000 денари за тест. Голем дел од нив се револтирани. Велат дека е неразбирливо кога во државата нема вакцини, по една година од пандемијата, да не може лесно да се решаваат проблемите со ПЦР-тестовите, а истовремено да не се води сметка за дисциплината и почитувањето на заштитните мерки.

Се чека и до пет дена за тест

Маја Т. од Скопје вели дека симптомите на болеста ги почувствувала изминатиот викенд. Веднаш го контактирала матичниот лекар, кој пред два дена ѝ рекол дека прв слободен термин за тестирање има на крајот од работната недела. Тоа се веќе седум дена откако ги добила симптомите.
- Додека го чекам терминот за тестирање, можеби веќе нема да бидам ни позитивна на вирусот. На приватно тестот сè уште е скап и не е достапен за сите. Во меѓувреме се лекувам дома, по сите протоколи за ковид-позитивен пациент - додава Маја.

Друг пациент, пак, објаснува дека во петокот имал контакт со позитивен на коронавирус и со оглед на тоа што во понеделникот немал симптоми, слободен термин за негово тестирање имало на 20 март.
Лекари од главниот град велат дека снемуваат термини на крајот од работната недела и во ординациите на матичните се прават списоци со лицата на кои им треба тестирање. Објаснуваат дека мора да се ловат во системот. Кога ќе се пуштат термини за тестирање во „Мој термин“, сестрите ги закажуваат и им се јавуваат да ги информираат кога е закажано тестирањето. Тоа не само што значи чекање за пациентите што не може да платат за приватно тестирање, туку е и повеќе работа за веќе изморените медицински лица.

Закажувања по градови

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари, вели дека во Велес, каде што таа работи, цела недела не можеле да најдат слободни термини за ПЦР-тест.

- Не можеме да им закажеме на пациентите зашто нема слободни термини. Ги запишуваме на список, па кога ќе најдеме слободен термин, им закажуваме. Секако, опцијата да го направат тестот на приватно секогаш постои - додава таа.
Посочува дека изминатиот период бројките на позитивни растат, а со тоа и интересот и потребата за тестирање се поголеми.
- Ситуацијата трае долго, здравствениот систем е тој, термини нема и за специјалистички прегледи - додава д-р Чолакова-Дервишова.



Кога има термини, се чека 2-3 дена, вели д-р Мирослав Бошковски, матичен лекар во Куманово.

- За поитни пациенти, се случува да закажуваме и во други градови, ако може да си дозволат да патуваат. Ние закажуваме во Свети Николе, Тетово и во Велес. Според мене, решение се построги мерки за да нема потреба од толку тестови или да се зголеми можноста за тестирање - вели д-р Бошковски.

МЗ: За термин не се чека повеќе од два-три дена


Од Министерството за здравство велат дека поради зачестеност на симптоматски пациенти во изминатиот период, сè почесто се резервираат термини, но доколку веднаш нема слободен термин, во текот на наредните два-три дена има на располагање.
- Термини за закажувања за ПЦР-тестирања се пуштаат секој ден и тие се на располагање за потребите на пациентите - посочуваат од ресорното министерство.
Оттаму додаваат дека се прават процени од страна на системот „Мој термин“ и во зависност од капацитетите, истите се реализираат соодветно во временска разлика при прием на пациенти со цел заштита од вирусот, како за пациентот така и за здравствениот работник што работи на пунктот.
- Дополнително на ова, брзите тестови се ставени на располагање во болниците и клиниките и секоја од нив има тестови во доволен број - истакнуваат од Министерството.

Фото: Фрипик
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема