Во третото тримесечје од 2022 година во цела Македонија се регистрирани 4.956 живородени деца. Според Државниот завод за статистика, нивниот број е намален за 3 отсто во споредба со истиот период лани.
Но, податоците покажуваат и дека во дури 20 општини во земјава во трите месеци се родиле по едноцифрен број деца.
Најмал е бројот на родени деца во Зрновци, каде што се родиле само три деца, а потоа следуваат Демир Капија, Лозово и Росоман со по 4 новороденчиња во трите месеци.
Во Општина Новаци во истиот период се родиле 5 деца, додека во Градско, Дебрца и Ранковце по 6.
Во Вевчани, Дојран, Маврово и Ростуше, Пехчево и Пласница изминатото тримесечје се регистрирани по 7 живородени деца, а во Демир Хисар, Конче, Могила, Центар Жупа и Чешиново-Облешево по 8.
Во Богданци во третото тримесечје од годинава се родиле 9 деца, исто како и во Кривогаштани.
Тоа значи дека во сите овие 20 општини во текот на третото тримесечје од годинава се родиле вкупно 131 дете.
Од друга страна, најмногу деца, очекувано, се родиле во Скопје (1.663). Лидер, пак, во рамките на Скопје е Општина Чаир, каде што изминатото тримесечје се родиле 257 деца, а потоа следува Аеродром со 201 дете.
Инаку, на ниво на Македонија, ако се исклучат скопските општини, Тетово е на второто место со 278 живородени деца, а потоа следуваат Куманово со 261, Битола со 182 родени деца итн.
ДЗС соопшти и дека во третото тримесечје во Македонија биле склучени 4.614 брака. Статистиките покажуваат дека изминатото тримесечје во Лозово се склучил еден брак, но имало и еден развод. Тој еден склучен брак е најмал број во целата земја, ако не се земе предвид Пласница, каде што никој не го кажал судбоносното да. Најмногу бракови биле склучени во Скопје (1.114), каде што се забележани и најмногу разводи (66).