X
 31.12.2020 Наша тема

Пандемијата ги струполи странските инвестиции. Има ли надеж за догодина?

Немаме основа да се надеваме дека ќе имаме прилив на странски инвестиции следната година имајќи ја предвид состојбата во светот, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Поранешниот гувернер Петар Гошев, пак, смета дека иако генерално е позитивно да имаме странска инвестиција, сепак, прашањето е каде се, колку влијае една инвестиција дисперзирано на растот на другите гранки, а колку само користи ресурси, дали од неа останува само платата за вработените, или колку значи ако профитот се реинвестира во земјата, а колку ако се изнесува...

Неизвесноста наметната од ширењето на коронавирусот негативно влијаеше и врз странските директни инвестиции во земјава. Податоците покажуваат дека во првите три месеци од годинава во Македонија биле вложени над 122 милиони евра, но по почетокот на пандемијата директните инвестиции добиваат негативен предзнак. По прогласувањето на пандемијата, Народна банка бележи одлив поголем од 9 милиони евра во вториот квартал, додека пак во третиот квартал одливот надминува 5 милиони евра.
Познавачите на состојбите укажуваат дека е сосема очекувано во година кога голем дел од економските активности се стопирани или парализирани, како годинава, да се намалат и инвестициите. Објаснуваат дека на капиталот му е потребна сигурност за да се множи, поради што сметаат дека странските инвестиции ќе бидат намалени и во текот на следната година.

Хајредини: Зголемена несигурност

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ако се потсетиме на претходните години, ќе видиме дека првите десет години Македонија не беше примамлива земја за странски инвестиции бидејќи се знаеше дека сме под ризик, овој простор не важеше за стабилен и безбеден за инвестиции.

- Потоа следуваа години кога имавме и внатрешни немири, драматични кризи во самата држава. Мора да сме свесни дека кога зборуваме за странски инвестиции, треба да разбереме дека капиталот е премногу внимателен и бега од региони кои важат за нестабилни или несигурни. Исто така, силна причина за ниското ниво на странски инвестиции е фактот дека Македонија нема способни државни институции за да привлече странски инвеститори. Но, сега поради состојбата во светот, не може да се очекува капиталот да се вложува или да се изнесува од некои други земји - објаснува Хајредини.

Тој потенцира дека поради пандeмијата, несигурноста е присутна насекаде во светот, што уште повeќе ја зголемува несигурноста во нашата земја. Хајредини посочува дека владините претставници секогаш ја користат темата со странските инвестиции за поголем медиумски простор.


Фото: Принтскрин, Јутјуб, РСЕ

- Оваа тема се користи од елитите на власт да се пофалат дека успеале или ќе успеат да привлечат инвеститори. Ги читам двајцата најодговорни за финансии во Влада чии предвидувања се дури и утопистички  за економијата за следната година, но не ги поткрепуваат со никакви факти. Најавите дека очекуваат раст или големи странски инвестиции не се доволни. Претставниците на власта ја користат оваа тема за популизам и за своја промоција. Немаме основа да се надеваме дека ќе имаме прилив на странски инвестиции следната година имајќи ја предвид состојбата во светот - потенцира Хајредини.

За една од најплодните години за Македонија од аспект на странските директни инвестициите се смета 2018 година, кога во земјава биле инвестирани над 620 милиони евра. Сепак, упатените укажуваат дека на странските инвестиции не треба да се гледа само од аспект на парите што се вложуваат, туку низ анализи треба да се утврдат вкупните бенефити што ги има државата од една инвестиција.

Гошев: Не е битно само да се инвестира, туку и каде и како

- Сосема е очекувано во ваква година, како што е годинашната со пандемијата, да има намалување на странските директни инвестиции поради намалување на довербата, расте неизвесноста, па ниту инвеститорите не се сигурни, ниту спремни за нови вложувања. Но, сметам дека е многу значајно да се направат анализи колку странските инвестиции можат да помогнат во растот на една земја и колку е полезно нивното присуство. Иако генерално е позитивно да имаме странска инвестиција, сепак, прашањето е каде е таа инвестирана, во кои сектори, колку влијае една инвестиција дисперзирано на растот на другите гранки, а колку само ги користи ресурси. Потоа, дали е инвестиција од која останува само платата за вработените, или колку значи ако профитот се реинвестира во земјата, а колку ако се изнесува. Исто така, значаен сегмент е колку тие инвестиции се поддржани од државата, дел од нив беа на многу поволна позиција, особено со договорите со претходната владејачка гарнитура. Имајќи го предвид сето ова, не може без детална анализа да се утврди колку и каков бил бенефитот од некои инвестиции и дали можеби на државата ќе ѝ било и подобро и без некои од нив - вели поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев.


Фото: Народна банка

Тој дополнува дека на земји како Македонија секогаш им се потребни дополнителни инвестиции, странски влез на пари, но дека не е сеедно под кои услови доаѓаат тие инвестиции.

Предвидувањата на Обединетите нации беа дека оваа година странските директни инвестиции ќе бидат намалени за дури 40 проценти на светско ниво поради пандемијата на коронавирусот. Обединетите нации во своите анализи укажаа дека оваа промена најмногу ќе ја почувствуваат земјите во развој и најавија намалени странски инвестиции и во текот на следната 2021 година. Закрепнување на СДИ може да се очекува во 2022 година.
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема