2022 беше турбулентна година. Ја започнавме зашеметени од невидливиот непријател наречен коронавирус, кој нè прогонуваше уште од крајот на 2019 година и тамам помисливме дека ќе се спасиме од една беља, брзо дојде уште една - војната во Украина. Енергетска, економска, здравствена, какви сè кризи не споменувавме годинава. Згора на сè, со новата учебна година дојдоа и дојавите за бомби и ново празнење на училишните клупи и паника и страв кај сите. Тешка е мал збор за оваа година.
Но, ништо не нè спречи да погледнеме кон светлите точки околу нас. Како и секогаш, така и годинава читателите на Факултети.мк ги препознаа вистинските вредности и одвоија дел од своето време за да прочитаат за најдобрите професори, студенти и средношколци, за оние што воодушевуваат со успесите, за оние што пленат со хуманоста, но и за оние што нè изградиле. Горди сме на рубриката која ја создадовме годинава, наречена „Студентски мемоари“, но и на сите други чуда од луѓе чии лица се појавија во нашите теми.
Во продолжение погледнете кои се најчитаните теми за 2022 година на Факултети.мк.
-Желбата да студирам медицина се јави потсвесно и на некој начин ги амалгамизира сите знаења што ги нудат природните науки, со цел одржување и подобрување на здравјето на човекот. Контактот со пациенти, разговорите и прегледите кои како студент ги преземате, со цел последователна дискусија со професорите и асистентите за можните дијагнози и третман, се незаменлив дел од струката лекар, вели Стефан.
Средношколецот Емрах Јусуфоски (17) од Скопје, кој има свој блог под име „Lifestyle by Emrah“, е еден од ретките, а можеби и единствениот средношколец од Македонија што учи во Ерменија. Првите две години од своето средно образование ги заврши во скопската гимназија „Орце Николов“, а сега учи на еден од колеџите во Дилиџан, Ерменија, во рамките на организацијата на Светските обединети колеџи (UWC).
Меѓународната диплома ја сонувам од седмо одделение, сонував да можам сам да си ги одбирам предметите – тоа е нешто со кое се борев во текот на целото мое образование во Македонија. Да не морам да учам 18 предмети од кои само еден ме интересира, туку да одберам 6 и сите да ме интересираат, вели Емрах.
Оваа година седум ученици од нашата земја се истакнаа на државната матура по предметот математика со нивните одлични оценки и перцентилен ранг од 99, 97, покажуваат статистиките на Државниот испитен центар.
Станува збор за матурантите: Сања Василова од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Бојан Димовски од „Коле Неделковски“ во Велес, Снежана Колева од „Јахја Кемал“ во Скопје, , Ребека Манева од „Коле Неделковски“ во Велес, Драгана Петрова од „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, Алек Крстев од „Орце Николов“ во Скопје и Ангела Ристовска од „Јосип Броз Тито“ во Битола.
105-годишната Рејчел Нахмијас, која од нацистичките логори ја спасил албанскиот конзул криејќи ја во багажник, уште зборува за родната Битола
Битолчанката Рејчел Нахмијас го прослави својот 105. роденден. Таа е најстарата жива Еврејка од Битола, родена во далечната 1917 година, но соочена со тешките животни патешествија поради холокаустот, била принудена да го напушти родното гнездо и животот да го продолжи во Бостон, САД.
Се спасила од депортацијата во нацистичките концентрациони логори во 1943 така што била сокриена во багажникот од автомобилот на албанскиот конзул во Битола. Благодарение на него, останала жива и ја продолжила семејната лоза на далечниот континент, каде што деновиве со потомците, меѓу кои и светски познатата ладино-пејачка Сара Ароести, го прослави овој редок роденденски јубилеј.
Јулија Митревска – првенец на филозофски факултет со просек 10: Пред испит „се губев“ меѓу страниците на книгите
Родената охриѓанка за нејзината академска одличност неодамна беше декорирана со златник од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како еден од првенците на генерацијата на студенти што дипломирале во учебната 2020/2021 година. Освен за историја, Јулија пројавувала афинитети кон хемијата, а во слободно време се занимавала и со цртање. И покрај освојувањето на низа награди на ликовните конкурси како во земјава, така и во странство, во нејзините проекции за иднината преовладал концептот за истражувач кој сака да одгатнува историски енигми.
Студентите ги избраа професорите кои се вистински стимул за учење
Ангелина Станојоска, професорка на Правен факултет - Кичево, Стефан Андонов, асистент на ФИНКИ, Марина Стојанова, професорка на Факултетот на земјоделски науки и храна при УКИМ, Светлана Вељановска, професорка на Правниот факултет во Кичево, Елена Наумовска, професорка на Економски факултет при УКИМ и Марко Костовски, асистент на Медицинскиот факултет при УКИМ беа најчестите имиња на спроведената анкета на Факултети.мк на прашањето „Кој професор ви остави најголем впечаток изминатава година?“
Ванѓел Здравески, првиот кардиохирург кој специјализирал во Македонија: „Во животот може да ви земат се, но знаењето не“
На 33-годишна возраст, Ванѓел во моментот работи како кардиохирург на Државната клиника за кардиохирургија и асистент по хирургија на Медицинскиот факултет. Медицинскиот факултет во Скопје го завршил како еден од најдобрите студенти на генерацијата, а по дипломирањето станал стипендист за постдипломски студии на Медицинскиот факултет во Виена, каде што работел на одделот за кардиохирургија во болницата AKХ. За време на работата Ванѓел ги собирал податоците за својата магистерска теза и асистирал при операции.
Младата, 21-годишната Стефани своето образование ќе го продолжи на вториот најпрестижен универзитет во светот - „Стенфорд“ во Соединетите Американски Држави. Нејзиниот самостоен и несебично вложен труд во текот на студирањето ѝ овозможи да влезе во 4 отсто што се примени на овој универзитет, на кој ги запиша магистерските студии на насоката Анализа на образовната политика. Во интервјуто за Факултети.мк ни раскажува за тоа.
„Шари Беар“ е здружение за заштита на дивите животни што се заштитени со закон, а се залага особено за мечките. Им носат храна на одредени места каде што има поставено камери и видеата ги споделуваат на нивниот фејсбук-профил.
Грицкање јаболко, насладување и играње со пченка, чешкање, излежување, уживање во мирот, секакви расположенија и секакви положби на мечките на Шар Планина долови здружението „Шари Беар“. Но не е забележано само секојдневието на мечките, туку на сите животни што минуваат покрај камерите на здружението, а тука се елените, зајаците, срните, лисиците.
Магбуле е синоним за истрајност и упорност, доказ дека човек учи и се образова додека е жив, а притоа своето стекнато знаење им го пренела на десетици генерации седнати во школските клупи.
Таа е родена во преубавото крајбрежно село Асамати на Преспанското Езеро во 1928 година. За Факултети.мк ја раскажа својата животна приказна како успеала да заврши високо образование и да ги помине сите препреки.