Кога имав 20 години, никој не сакаше со мене да ја дочека Новата година. Девојките беа залепени за своите редовни дечковци, плашејќи се дека случајно ќе ги загубат и ќе останат без придружници за новогодишната прослава.
Во тоа време не се случуваа чуда, колку и да ги очекував. Се влечкав низ толпата и од дното на душата го мразев посреќниот дел од човештвото што купуваше подароци.
Бидејќи пропадна и последната надеж дека некој ќе ме покани на дочек, вечерта на 31 декември се качив на брзиот воз за Сараево. Се завиткав во зимскиот капут и се загледав во моето лице на стаклото. Токму вака дочекав неколку нови години.
Во тие ноќни возови запознав свет на кој не му беше до славење. Имаше пијани железничари со бесплатни карти и лампиони. Сретнав залутани жени, војници на одмор и селани кои се враќаа од болница, бездомни лица, џепароши, деца што избегаа од дома. На полноќ, некој го гледаше часовникот и велеше: „Е па, нека е со среќа!“ и тоа беше сѐ.
Понекогаш се пиеше од шише кое стигнуваше до секој. Еднаш или двапати, моите колена ги допираа заоблените колена на младите жени, кои изгледаа магично под светлината, сè до утрото, кога нашата случајна љубов ќе се отрезнеше.
Накратко, тој ноќен воз полн со очајни луѓе за мене и понатаму е најубавото место во светот за новогодишна ноќ!
Цело утро пијани се тетравеа на снегот што паѓаше. Насекаде лежеа хартиени капи. На влезовите пред зградите имаше конфети, а пред затворените кафулиња искинати венци од креп-хартија.
Тогаш не ни сонував дека ја совладувам најважната лекција во животот - осаменоста.
Покрај мене беа млади жени облечени во бунди, под кои долгите вечерни фустани се провлекуваа низ снегот, набрзина минувајќи покрај мене. Нешто мистериозно им се случило. Се чини дека времето запрело. А и мојот живот.
Се наведнав и направив совршено тркалезна топка. Замавнав и го удрив згодниот тип кој ми се смееше од берберницата. Тоа беше првиот удар во новообјавената војна помеѓу мене и оние што не ме сакаа.
А денес?
Тврдам дека е најдобро да се прослави приватно.
„Југопапир“, декември 1976 година