Анксиозноста и стресот често ги доживуваме исклучиво како психолошки проблем. Меѓутоа, нашето тело не ја одвојува психата од физичкото. Мозокот покренува низа биохемиски промени кои преку крвотокот влијаат врз целиот организам.
Новото истражување на научниците од Универзитетот на Јужен Велс докажа дека акутниот психолошки стрес дејствува како директен хемиски покренувач. За само неколку минути, тој го зголемува производството на слободни радикали (реактивни молекули кои предизвикуваат оксидативен стрес).
Овој процес директно го менува начинот на кој се создаваат крвните грутки. Со други зборови, психолошкиот стрес ја менува структурата на крвта, правејќи ја посклона кон згрутчување (хиперкоагулабилност).
Како е спроведен тестот?
За да го испитаат ова, научниците тестирале здрави млади мажи преку таканаречениот Трирски тест за социјален стрес (подготовка на говор пред строга комисија и решавање ментална математика под притисок).
Примероците од крв земени веднаш по тестот покажале јасни биолошки промени, при што нивото на слободни радикали нагло скокнало предизвикувајќи оксидативен стрес во организмот. Истовремено, самите крвни грутки станале значително поголеми, погусти и поцврсто испреплетени со фибрин, односно со протеинските влакна кои ја сочинуваат основната рамка на грутката.
Интересно е што истражувањето ја побило старата теорија дека стресот ја зголемува густината на крвта поради висок притисок. Наместо тоа, докажано е дека тој го менува самиот квалитет и структура на крвната грутка.
Што значи ова на долгорочен план?
Оваа студија не значи дека еден тежок ден на работа веднаш ќе предизвика срцев или мозочен удар. Сепак, таа нуди важен патоказ за тоа како емоциите се претвораат во физички ризик за кардиоваскуларни болести.
Бидејќи студијата е направена на мал примерок, потребни се поголеми истражувања кои ќе опфатат и жени и постари лица, со цел да се пронајдат нови начини за медицинска заштита на срцето и крвните садови од физичките последици на стресот.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay