Додека во светот се води дебата за тоа дали вештачката интелигенција ќе замени милиони работни места, „Форд“ испраќа поинаква порака - најважниот ресурс и понатаму се луѓето.
Американскиот производител на автомобили во последните три години вработи дури 350 искусни инженери, кои интерно ги нарекуваат „седокоси“, за да го подобрат квалитетот на производството, да ги обучуваат помладите колеги и, што е можеби најинтересно, да ги поправаат грешките што ги прави вештачката интелигенција.
Компанијата сфатила дека вештачката интелигенција може да биде моќна алатка, но дека не може да го замени искуството стекнато со децении работа.
Вештачката интелигенција е добра колку и луѓето што ја учат
- Вештачката интелигенција е одлична алатка, но таа е добра само онолку колку што се квалитетни податоците со кои ја тренирате. Со години не обрнувавме доволно внимание на искуството на нашите најдобри експерти, кои поминаа низ многу развојни циклуси на производите - изјави Чарлс Пун, потпретседател на „Форд“ задолжен за развој на хардвер за возила.
Токму затоа „Форд“ денес ги враќа ветераните во компанијата. Меѓу нив има поранешни вработени, но и експерти од компании кои произведуваат делови за автомобили. Нивната задача не е само менторство на помладите колеги, туку и приспособување на системите на вештачка интелигенција за да носат подобри одлуки.
„Форд“ во последните години имаше сериозни проблеми со повлекување на возилата. Само во средината на 2024 година повлекувањата ја чинеа компанијата околу 4,8 милијарди долари годишно.
Во февруари истата година „Форд“ постави и неславен рекорд - ниту еден производител на автомобили претходно немал толку многу повлекувања во една година. Вкупно беа 90, вклучувајќи и речиси 700.000 кросовери, што ја чинеше компанијата дополнителни 570 милиони долари.
Оттогаш е покрената голема програма за подобрување на квалитетот. Резултатите брзо пристигнаа. Во најновото истражување на „Џеј ди пауер“, објавено минатата недела, „Форд“ го зазеде првото место меѓу масовните автомобилски брендови.
Вештачката интелигенција не ги оправда очекувањата
Иако вештачката интелигенција може значително да ја зголеми продуктивноста во одредени задачи, многу компании и понатаму не успеваат да остварат конкретни финансиски придобивки.
Истражување од Институтот за технологија во Масачусетс од 2025 година покажа дека само 5 отсто од компаниите оствариле значаен поврат на инвестицијата во проекти засновани на генеративна вештачка интелигенција.
Слични резултати покажаа и други истражувања. Многу фирми воведуваат вештачка интелигенција, но ретко успеваат да ја искористат на начин што носи вистинска деловна вредност. И експертите од компанијата „Нвидиа“ предупредуваат дека развојот и одржувањето на системите на вештачка интелигенција и понатаму се поскапи од трудот на многу вработени.
Поради тоа, човечките експерти остануваат клучни за развојот, контролата и подобрувањето на овие технологии.
„Форд“ очекува дека годинава ќе потроши повеќе од милијарда долари на гаранции и решавање на проблемите со возилата, но раководството верува дека тие трошоци постепено ќе се намалуваат благодарение на новиот пристап.
Ветераните денес учествуваат на задолжителните состаноци за квалитет, ги анализираат потенцијалните грешки уште пред почетокот на производството и ги приспособуваат системите на вештачка интелигенција за проблемите да бидат откриени пред автомобилот да излезе од производствената лента.
Пораката на „Форд“ е јасна - вештачката интелигенција може да ја забрза работата, но без луѓето што имаат децении искуство, не може да ја заврши подобро.
Извор:
BIZlife.rs
Фото:
Wikipedia