Иако во последните неколку години постигнавме голем напредок во однос на одржливата енергија, просечните температури сè уште растат, а не се намалуваат емисиите на стакленички гасови, па всушност нè чека уште многу работа ако сакаме да го решиме проблемот со глобалното затоплување.
Научници неодамна претставија едно многу интересно откритие кое, ако се усоврши, би можело да ни помогне во борбата против загадувањето на нашата планета. Имено, тие создале вештачки лист кој може без загадување на околината да произведува синтетичко гориво.
Споменатиот лист е способен да произведува синтезен гас - сингас, мешавина од водород и јаглерод моноксид. Тој вид гас многу се користи за производство на разни горива, лекови, пластика и ѓубрива. До него може да се дојде на повеќе начини, но обично се прави од остатоци од материјали засновани на јаглен или нафта. Затоа крајниот производ многу често е штетен за околината.
- Можеби не сте слушнале за сингас, но секој ден консумирате производи направени со помош на него. Ако успееме трајно да го произведуваме на овој начин, тоа би можело да биде клучно при воспоставувањето одржлива индустрија на хемикалии и горива - истакна хемичарот Ервин Рејнсер од Универзитетот во Кембриџ.
Вештачкиот лист, односно уред, го имитира процесот на фотосинтеза што го гледаме кај растенијата, комбинирајќи ги светлината, водата и јаглеродниот диоксид со кобалтен катализатор, а создава водород и јаглерод моноксид, кои го сочинуваат
сингасот.
Иако ефикасноста на вештачкиот лист засега е многу мала, таа би можела да се зголеми со дополнителни истражувања, вложување и усовршување. Научниците сметаат дека станува збор за единствена комбинација од материјал и катализатор која е подобра од други слични системи.
- Не сте ограничени да ја користите технологијата само во топлите предели или во текот на летните месеци. Можете да ја употребувате од изгрејсонце до зајдисонце, каде било во светот - истакнува хемичарот Вирџил Андреј.