Амбулантите на матичните педијатри периодов се полни со дечиња болни со респираторни инфекции, предизвикани и од сезонски вируси, но и од коронавирусот. Тие велат дека последните неколку недели имаат сѐ повеќе пациенти со респираторни инфекции, но дека повеќето се со полесна клиничка слика и најчесто оздравуваат по дадената симптоматска терапија.
– Како што расте бројот на заболени од ковид-19 кај возрасните, така расте и кај децата. Зголемен е бројот на болни деца од ковид-19, но за среќа повеќето поминуваат полесно и за неколку дена по примање на симптоматската терапија се оздравени. Оние што се во потешка состојба ги испраќаме во болница, но не се многу. Секако, не се разболуваат само од ковид, туку и од другите сезонски вируси, од грип – вели д-р Лиле Христова, матичен педијатар во Велес.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, минатата недела бил намален бројот на заболени деца од ковид постари од десет години, а забележано е зголемување кај помалите деца, но во однос на вкупниот број заболени, најмалку заболени има кај помалите деца. Во последниот извештај од Институтот, во третата недела од јануари, од 11.610 заболени од ковид најмалку заболени се регистрирани кај децата на возраст од нула до 9 години. Но, кај оваа возрасна група е забележано најголемо зголемување на бројот на заболени, дури од 30,9 проценти во однос на претходните недели. Кај децата на возраст од 10 до 19 години е забележано намалување на бројот на заболени од 15,3 проценти, а кај младите на возраст од 20 до 29 години забележано е намалување од 18 проценти.
Д-р Христова смета дека бројот на заболени деца од ковид-19 сигурно е поголем бидејќи нема доволно термини за да ги тестираат сите што се сомнителни во лабораториите на јавните здравствени установи, а не секој може да си дозволи да се тестира на приватно.
Прочитајте повеќе на
Деца.мк