X
 02.10.2023 Здравје

Што смеете, a што не смеете да правите пред вадење крв?

За сите лабораториски испитувања, пожелно е да сте гладни, што значи дека пред вадење крв не треба да јадете цели 12 часа. Утрото на денот на вадењето крв дозволено е пиење само вода, стои во упатството на Хрватското друштво за медицинска биохемија и лабораториска медицина. Ова важи за планирано испитување на крвната слика во лабораторија, а кога е потребно тоа да се направи итно, примерок од крв се зема и ако пациентот не е гладен.

- Со оглед на тоа што храната и продолженото гладување имаат директно влијание врз метаболизмот на јаглехидратите, липидите и протеините, кај некои испитувања е нужно да сте гладни. Притоа, влијанието на протеинските оброци е поголемо од влијанието на јаглехидратите - објаснува лекарот Ивица Цветковиќ и додава дека гладни на испитувања треба да одите ако испитувате глукоза во крвта, триглицериди, холестерол, ХДЛ, ЛДЛ, витамин Б12, фолна киселина, алкална фосфатаза, Beta-Crosslaps, остеокалцин, железо, кортизол, тест на хеликобактер пироли и ПТХ и хомоцитстеин.

Спротивно на тоа, за одредување тумор-маркери, не е потребно да сте гладни.

Пред вадење крв

Последниот оброк треба да е лесна вечера, не подоцна од 19 часот. Утрото пред да одите да вадите крв не е дозволено ништо освен вода, а 48 часа пред вадењето избегнувајте лекови (освен задолжителните), појак телесен напор и алкохол.

Маснотии во крвта

Две недели претходно треба да се храните нормално. Два дена пред вадење избегнувајте вежбање и алкохол. Еден ден пред вадење крв се препорачува немасна храна. Еден ден претходно не пијте кафе по 19 часот. Испитувањето не би требало да се прави пред да поминат 8 недели од акутен миокарден инфаркт, хируршка операција, траума, бактериска или вирусна инфекција.

Одредување железо во крвта

Два дена претходно не пијте сокови збогатени со витамини (боровница, црна рибизла, капини, цвекло) и вино од капини затоа што можат лажно да го зголемат нивото на железото.

Толеранција на глукоза

Пациентите мора да бидат гладни најмалку 8, а најмногу 12 часа. За време на тестирањето пациентот цело време е во лабораторијата. Не смее да пуши, јаде и пие или да се изложува на напор.

Тромбофилија-тест

Повеќето испитувања на тромбофилија не смеат да се изведуваат додека пациентот е на терапија за разредување на крвта поради влијанието на терапијата врз резултатите.

Хормони од штитната жлезда во крвта

Терапијата за хормони од штитната жлезда може да влијае врз резултатот, па важно е на денот на вадење крв да не се пие лекот. Може да се испие непосредно потоа.

Одредување крв во столица

Седум дена претходно треба да се избегнуваат лекови (освен неопходните препишани од лекар). Одложете го тестот ако имате менструален циклус, дијареја, крвавење од хемороиди и уринарниот тракт.

Еднократно земање урина

Мора да поминат најмалку 4 часа од празнењето на меурот. Првиот млаз се измокрува, а средниот се собира во стерилен сад. Не се зема за време и околу менструален циклус.

Собирање 24-часовна урина

Почнува со втората утринска урина. Во текот на цел ден и цела ноќ урината се собира и се чува на ладно. Следниот ден се додава и првата утринска урина и се носи во лабораторија.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје