X
 26.06.2018 Живот

Зошто мислиме дека другите подобро се забавуваат и дека имаат повеќе познајници

Кога се споредуваат со другите, повеќето луѓе мислат дека се попаметни и поморални, но во квалитетот на социјалниот живот се потценуваат и веруваат дека другите повеќе се забавуваат од нив и дека имаат повеќе познајници, покажува студијата чии автори заклучуваат дека причината е во тоа што сме посклони да се споредуваме со хиперсоцијализирани поединци.

Ние постојано се споредуваме со другите, а оцените што ги донесуваме често се во наша корист, при што си ласкаме себеси и заклучуваме дека сме попаметни, поморални, посигурни или дури и посреќни од другите луѓе, наведуваат психолозите Себастијан Дери, Шаи Давидаи и Томас Гилович, автори на студијата спроведена на повеќе од 3.000 испитаници, а објавена во француското списание „Le Point“.

Поаѓајќи од истражувањето на американскиот психолог Леон Фестингер, тројцата психолози испитувале како луѓето го проценуваат својот социјален живот во споредба со другите, и установиле дека тие заклучоци се попесимистички и се на наша штета.

Околу 3.000 испитаници требало да одговорат на прашањето како го оценуваат сопствениот, односно социјалниот живот на своите познајници.

Одговарале на прашања во врска со бројноста на пријателите, учеството во забавите, вечерни излегувања во ресторан, за бројноста на пријателите на социјалните мрежи.

Повеќето испитаници го оцениле својот живот како многу посиромашен од животот на нивните познајници. На пример, 82 отсто од нив тврделе дека помалку учествуваат во забави во споредба со луѓето од нивната околина.

Кога тој тест бил спроведен на друга група испитаници, резултатите биле исти, со тоа што од нив не се барало да го оценат социјалниот живот на луѓето од нивната околина, туку на просечните луѓе од нивна возраст и нивни пол.

Други испитувања спроведени по истиот модел на повеќе од 1.200 лица им овозможиле на психолозите да заклучат дека полот, возраста, степенот на образование, висината на приходите и политичката ориентација не играат никаква улога во таквото песимистичко оценување на сопствениот социјален живот.

Ја поставиле хипотезата дека луѓето спонтано се склони кон споредување на нивото на нивниот социјален живот со поединци што се „хиперсоцијализирани“.

Тие хиперсоцијализирани поединци учествуваат на сите забави, се ангажираат во низа активности и постојано се во комуникација со голем број луѓе.

Нивниот социјален живот цути, покажало испитувањето, а таквата оцена го зголемува сè поголемото користење на социјалните мрежи денес.

Кога одговарале на прашањата, испитаниците помислувале токму на тие хиперсоцијализирани поединци затоа што се „исклучително видливи“, наведуваат авторите.

Психолозите ја тестирале својата хипотеза поставувајќи ги испитаниците во три различни ситуации. Во првата тие биле замолени да размислат за свои познајници што се социјално многу активни, а потоа да го споредат својот социјален живот со нивниот.

Во друга група биле замолени да се споредат со пријатели и познајници што се најмалку социјализирани и претежно интровертни.

Во трета, контролна група, им било побарано едноставно да се споредат со другите, без дополнителни насоки.

Од контролната група произлегло дека луѓето спонтано се споредуваат со „хиперсоцијализираните“ поединци и во таа контролна група одговорите биле малку попесимистички од одговорите во групата каде што се споредувале со не толку социјализирани познајници.

Резултатите покажале дека сме склони да го потценуваме богатството на нашиот социјален живот бидејќи за споредба ги повикуваме најактивните поединци.

Стручните лица истакнуваат дека е исклучително важно како поединци да се реализираме во социјалниот живот. Ако личноста се чувствува социјално интегрирана, тогаш е помалку несреќна и смета дека нејзиниот живот има смисла.

Склоноста кон потценување на богатствата од нашиот социјален живот од овој аспект не е безопасна. Во тој контекст, користењето на социјалните мрежи може да им наштети на оние што се чувствуваат социјално помалку интегрирани, давајќи им илузија дека нивниот социјален живот е драматично посиромашен и поразочарувачки.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот