X
 02.11.2021 Образование

Професор од Бања Лука крадел од магистерски труд на студентка

Психологот Јована Џевер случајно дознала дека делови од нејзиниот магистерски труд, работен во јуни 2015 година на Филозофскиот факултет во Бања Лука, Босна и Херцеговина, отсек психологија, се копирани. Имено, во збирни трудови од 2019 година бил објавен труд со истото име како магистерскиот труд на Јована, но бил потпишан од Ѓорѓе Чекрлија, Лана Вујаковиќ, Дијана Ѓурич и Милана Дамјениќ. При читањето Јована забележала дека буквално биле препишани делови од нејзиниот труд и истражувањето, а таа не била ниту контактирана ниту потпишана. По нејзиното обраќање до факултетот, трудот бил повлечен и отстранет од страницата на факултетот.

Јована истакнува дека до сознанието дошла сосема случајно.

- Го пишував теоретскиот дел за едно друго истражување што го работев во тој момент и пребарував стручна литература. Наидов на статија која ми го привлече вниманието затоа што варијаблите беа исти како во истражувањето што го спроведов за изработка на мојот магистерски труд. Кога почнав да читам, бев, благо кажано, шокирана. Буквално ги препознав моите реченици, примерокот на испитаници, коефициентите на сигурност, табелите на корелации... И ме вџашија повеќе нешта истовремено. Спорниот труд е објавен во зборникот „Личноста и општеството V“, а како централен конструкт на истражувањето е поставен хуморот. Иронијата е што јас прва на нашиот факултет употребив прашалник за стиловите на хумор, така што не ми беше јасно дали на тој начин се наградува студентската иновативност... Дополнително, ме збуни тоа што во тој зборник немаше место за објавување на мојот труд, кој беше прв со таа тема на факултетот, а потоа дополнително ме шокира кога видов модифициран труд со потпис од други колеги, без наведување на моето име, па ни во фуснота. Сите ние се знаеме и можеме благовремено да комуницираме за потенцијално објавување на труд. Меѓутоа, никој не ме контактираше - истакна Јована за „Бука“.

Таа вели дека е разочарана.

- Ни сега не знам и немам логично објаснување за оваа „кражба“. Со професорот Чекрлија имав многу убава соработка во текот на студирањето и не верувам и не сакам да верувам дека намерно го направил ова. Од друга страна, не можам да верувам дека некој со малку совесност, разум и морал може да направи такво нешто. Збунета сум - вели таа.

Јована вели дека одлучила да не го тужи факултетот затоа што сите грешиме.

- Човечки е да се признае грешката, но и да се прости. Тие луѓе се мои колеги, некои од нив се навистина прекрасни луѓе. Јас до вчера учев од нив, а еве и сега сме во можност повторно да учиме едни од други, на овој, можеби не баш најпрекрасен начин. И не сакам никакви лични конфликти. Јас само сакам ваквата практика да не се повторува и никој од моите колеги да не се најде во слична ситуација. На негативните појави треба да се посочува за тие да не се случуваат. Ние како луѓе имаме рацио, па би требало и да го користиме - вели Јована.

Во однос на повлекувањето на трудот, отпрвин тоа ѝ изгледало смислено.

- Меѓутоа, потоа сфатив дека е напишано само за да се смири ситуацијата по мојата реакција и утврдувањето на фактичката состојба и дека е оставен таму во некоја фиока, а никој на факултетот не знае за овој плагијат. Формално, тоа повлекување не е заведено никаде како официјален документ, ниту пак е јавно објавен. Продеканот за научноистражувачки труд Синиша Лакиќ постапи навистина коректно, обидувајќи се да ја врати довербата во факултетот и по неговата интервенција спорниот зборник е отстранет од библиографијата на авторите и трудот не може да се користи при избор во звање - објаснува Јована.

Покрај повлекувањето на трудот, против професорот Чекрлија била поднесена и жалба до Етичкиот комитет на факултетот, односно процесот на службено санкционирање е во тек. Факултетот минатата седмица организирал и јавна дискусија на тема „Плагијаторство: Зошто е меѓу нас и како да го спречиме?“

Професорот Чекрлија не сакал да зборува со медиумите за ситуацијата, но ја презел целата одговорност за стореното и јавно ѝ се извинил на Јована.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Facebook
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование