Копнеам по ерата на кјубикли. Дајте ми затворена бела ќелија со
автономија да ја персонализирам. Дајте ми ја таа фамозна фарма за
стаорци. Заробете ме таму или само дозволете да го одберам најдоброто
место на кое ќе ја завршам работата што ја работам тој ден и верувајте
ми дека таму и ќе го извршам тоа
Го пишувам ова во канцеларија од отворен тип. Во овој момент ги слушам огромните прсти на Џоел Голби како чукаат по тастатурата. Лажички за чај тропкаат во филџаните од керамика. Ергономските канцелариски столови крекаат како жаби во мочуриште. Некаде жена кива толку несфатливо гласно што ме тера да потскокнам. Еден човек не престанува да свирка, како да знае дека неговата верзија на „Mas Que Nada“ еден ден ќе ми предизвика срцев удар од стрес и очајнички сака што побрзо да ја заврши работата.
На ушите имам слушалки кои исклучуваат секаква бучава, но и понатаму сè слушам. И да биде уште полошо, на канцелариските звучници оди музика - „Fast car“, необјасниво, третпат денеска - и покрај фактот дека сите носат слушалки за да ја избегнат бучавата и да си го скренат вниманието од непријатната агресија на канцеларијата од отворен тип.
Според неодамнешна студија, 80 отсто од американските канцеларии се од отворен тип. „Гардијан“ јавува дека Велика Британија има двојно повеќе канцеларии од отворен тип од глобалниот просек. WeWork - кои продолжуваат со својата мисија за исполнување на секоја празна деловна зграда со мебел од средината на векот - е компанија од изразено отворен тип, држејќи се до идејата дека овие канцеларии ја унапредуваат продуктивноста и ја зголемуваат соработката.
Но тие тоа не го постигнуваат, зарем не? Дури и обидот за работа во некоја од нив повеќе личи како да гледате ТВ-серија која очајнички сте сакале да ја видите, додека вашите браќа и сестри седат крај вас, наизменично врескајќи ви в лице. Не сакате тоа да го гледате, но практично немате избор.
Постојат недвосмилени докази дека работата во една таква канцеларија го одвраќа вниманието, го зголемува стресот (студиите за стрес во канцеларии од отворен тип укажуваат дека директно штети на држењето на телото на анксиозните работници, што доведува до мускулно-скелетни нарушувања) и шири бацили што резултира со поголем број земени боледувања.
Не изненадува тоа што ваквите канцеларии се во целосна спротивност со зголемената продуктивност. Студија на истражувачи од „Харвард“ тоа успешно го докажа, но и врз основа на личното искуство знаете, како што знам јас, дека канцеларијата од отворен тип ја задушува наместо да ја поттикнува продуктивноста. Јас дури не сум ни интровертна - а интровертните лица не цветаат во канцелариите од отворен тип. Но јас сум чувствителна на симуланси, а слоевите звуци, постојаните движења и постојано погрешната температура на климата повеќе ми го скренува вниманието отколку што ми помага да се фокусирам на работата што треба да ја извршам.
Начинот на кој многумина од нас работат драстично се смени во изминатата деценија. Главно на лаптоп, врз основа на портфолија, времени договори, работејќи од своите домови - а повторно еве нè тука и натаму си чукаме едни на други како да пакуваме колачи.
Бумерите ги создадоа канцелариите од отворен тип, веројатно како реакција на тесните кјубикли кои беа пред нив. Она што не го предвидоа е дека кога се обидувате да ги отворите хоризонтите на вработените, новиот развој тоа ќе го стори во многу поинтрузивен начин: речиси е невозможно да се ставите во медитативна концентрација кога луѓето ве напаѓаат од сите страни преку нешта како што се Гугл чет, Слек, Мејл, Вотсап, Месинџер и што и да е друго во технолошка смисла што вашата компанија го користи за животот да ви го претвори во пекол.
Идејата дека канцелариите од отворен тип ја поттикнуваат соработката е слатка и идеалистична. Во „Дип ворк“, авторот, професор Кал Њупорт ги цитира зборовите на коосновачот на „Твитер“, Џек Дорси, кој рече: Ние ги поттикнуваме луѓето да останат на отворено затоа што веруваме во серендипити - во луѓе кои минувајќи едни покрај други учат нови работи. Во сите канцеларии од отворен тип во кои сум работела никогаш не сум видела некоја личност да ѝ пријде на друга на нејзиното работно биро за да научи некоја нова работа. Уште докази: тие исти истражувачи од „Харвард“ откриле дека наместо да „поттикнува сè пожива соработка лице в лице, архитектурата од отворен тип изгледа предизвикува природна човекова реакција на социјално повлекување од колегите и ја наведува комуникацијата преку е-пораки и месинџери“.
Слично, податоците добиени од истражувачите од оуклендскиот Универзитет за технологија, направено врз основа на илјада испитаници, покажува дека оние што работат во канцеларии од отворен тип имаат полоши пријателства со колегите од оние во приватни или заеднички канцеларии, па дури и од вработените што поголемиот дел од времето работат од дома.
Фото: Pexels
Тоа воопшто не изненадува затоа што во практика овие простори ретко даваат можност за поставување граници, контрола, почит. Често постојат многу различни оддели во иста просторија, од кои на некои за нивната работа им се неопходни мир и концентрација, а на други простор за работа со клиенти преку телефон. На крај ќе го замразите Ден од маркетинг затоа што постојано се дере „да се вратиме на онаа е-порака“ директно зад вашиот грб, иако тоа му е работа за која е платен.
Во секој случај, тие канцеларии не се она што го сакаме. Според неодамнешната студија на „Оксфорд економикст“, она што милениумците најмногу го сакаат е „помалку бучава на работното место“ и „можност да се сконцентрираат и да работат без прекинување“. Но засега сме осудени токму на такви канцеларии: малку е веројатно дека повеќето компании ќе дозволат работа од дома, иако тоа би можеле совршено да го работите, а единствениот предложен апдејт е некоја глупава идеја која практично значи канцеларија од отворен тип без маси. Можеби ќе ви даде утеха сознанието дека не сте единствената личност на која ѝ е тешко да работи во такво опкружување.
Сакам да го кажам следното: заклучете ме во празна бела ќелија под земја, давајте ми кафе и грицки преку дупка и гледајте како цветам. Копнеам по ерата на кјубикли. Дајте ми затворена бела ќелија со автономија да ја персонализирам. Дајте ми ја таа фамозна фарма за стаорци. Заробете ме таму или само дозволете да го одберам најдоброто место на кое ќе ја завршам работата што ја работам тој ден и верувајте ми дека таму и ќе го извршам тоа.
Во овој момент лежам на подот покрај излезот во случај на пожар. Овој мал агол беше единственото засолниште кое можев да го пронајдам за себе. Значи, ако сметате дека овој напис е хаотичен и производ на очигледно деконцентриран ум, не обвинувајте ме мене - обвинете го оној што ја изградил оваа канцеларија.
Извор: МИА