X
 03.01.2024 Живот

Изумирање на овчарството во Шпанија - никој не сака да чува овци за 2.000 евра

Во Шпанија, која е најголемиот производител на јагнешко месо во Европската Унија, производството драстично опаѓа поради недостигот на овчари, намалувањето на потрошувачката и недоволната исплатливост од занимавањето со овчарство.

Минатогодишното производство беше за 41 отсто помалку отколку во 2007 година, податок што го сподели локалното здружение на производители „Пасторес групо кооперативо“.

- Овчарите и селата се соочуваат со ризик од исчезнување. Сепак, сакаме да го одбраниме и зачуваме овој сектор, стар повеќе од илјада години - вели земјоделецот и претседател на задругата, Фран Сантоларија.

„Пасторес групо кооперативо“ обединува 800 овчари од 400 села во провинцијата Арагон во Североисточна Шпанија. Во овој регион се произведува 10 отсто од вкупното месо произведено во оваа земја.

Овчарите без девојки, овците под стрес

61-годишниот локален овчар Антонио Енфедак одгледува животни уште откако се сеќава за себе. Тој почнал да се занимава со овци во 1980 година, пред Шпанија да влезе во ЕУ, кога се предвидувало дека овој сектор ќе има светла иднина. Антонио, чии синови му помагаат во чувањето 3.000 овци, сега не може да најде работници. Тој нуди месечна плата од 2.000 евра, но на пазарот на трудот не можат да се најдат овчари.

- Ова не е само прошетка со овците. Потребно е да знаете многу работи за овците, лекови и храна - вели тој.

Овчарите немаат одмор, за нив нема празници и работат по 14 часа на ден, некогаш во екстремни услови. Поради ваквата работа, понекогаш им е тешко да најдат девојка и сопруга.

ovci
Фото: Freepik

Овците се под стрес бидејќи индустриските поседи на блиските градови се шират, со што се намалуваат нивните пасишта. Тивките места што им се потребни на овците стануваат сè потесни поради проширувањето на патиштата и патеките што ги користат рекреативците.

Со истиот проблем се соочуваат и 111.869 фарми за овци во Шпанија. Дополнителни проблеми им создаваат новите прехранбени навики на 47. милиони жители на земјата. Минатата година, годишната потрошувачка на овчо месо падна на 0,89 килограми по жител, од 2,56 килограми во 2008 година.

За Шпанците, оваа година е многу скапо да платат од 6 до 20 евра за килограм овчо месо, со оглед на тоа што се зголемени сметките за струја, гориво и основни намирници.

Шпанската влада годинава на сточарите им платила по 14,15 евра по овца наменета за производство на месо, но тврдат дека тоа не е доволно.

Најголем производител на овчо месо во ЕУ


Шпанија е најголемиот производител на овчо месо, како и на јагнешко со удел од 25 отсто во ЕУ. Во изминатите 20 години земјата значително инвестираше во земјоделска технологија за земјоделците да можат да произведуваат повеќе со помалку ресурси.

Шпанија усвои стратешки план за периодот од 2023 до 2027 година со кој има намера да ги подобри директните плаќања на фармерите, при што посебно се грижи младите да продолжат да се занимаваат со одгледување овци. Овчарството е еден од земјоделските сектори во кои се одлеваат најмногу пари од ЕУ.

Истовремено, Шпанија и Франција работат на истражувачки проект за откривање гени добри за репродукција со цел во иднина да има уште подобри животни со поголема продуктивност. Малите фарми од 50 овци се обединуваат со други, што резултира со поголеми фарми од по 500 животни за да се направи бизнисот попрофитабилен.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот