X
 03.10.2019 Живот

Шега што излегла од контрола - планиран упад во американската база „Ареа 51“

Ако во последниве месеци ги следите социјалните мрежи, веројатно сте наишле на бизарната приказна за милиони луѓе што ветија дека насилно ќе влезат во американската база „Ареа 51“, која со децении е предмет на теории на заговор.

Секако, сето тоа се претвори во циркус, но голем дел од луѓето не знаат дека сè започнало од 21-годишниот Мети Робертс.

Имено, Робертс ја води фејсбук-страницата „Shitposting cause I'm in shambles“ на која споделува интересни мемиња што сам ги создава.

Шега што излегла од контрола


Една вечер во јуни тој на шега одлучил да направи фејсбук-настан и да го нарече „Влезете во Ареа 51, не можат да нè запрат сите“, а сè требало да се случи на 20 септември кога милион луѓе би влегле во мистериозната американска база во Невада.

bizarna prikazna

За само неколку дена се пријавиле повеќе од милион луѓе, а набрзо потоа одговорила и војската. Бројот на потенцијални кандидати се зголемил, за настанот почнале да пишуваат и американските и светските медиуми, а портпаролот на воздухопловните сили предупредил дека може лошо да завршат тие што ќе се приближат до базата.

Така, младото момче од Бакерсфилд заврши во центарот на вниманието на јавноста, медиумите бараа интервју со него.

„Алиенсток“

Робертс изјави дека бил охрабрен од епизодата на поткастот на Џои Роган, каде што гостувал Боб Лазар, наводно поранешен вработен во владата, кој работел на вонземска технологија во базата „Ареа 51“.

Секако, Робертс не го сфатил сето тоа сериозно, сè почнало како шега, но кога работите излегле од контрола, помислил дека може да заработи, па така била создадена идејата за „Алиенсток“ - музички фестивал на кој би се собрале околу 30.000 луѓе.

Штом се појавила информацијата, многумина почнале да ја споредуваат приказната со фестивалот „Фајер“, кој се претворил во дебакл за на крајот сè да заврши на суд. Граѓаните од блиското гратче Рејчел, во близина на воената база, го критикувале младиот човек и неговата луда идеја да организира каков било настан за толку кратко време.

Фокусот се префрлил на фестивалот, а Робертс отишол до градот две недели пред одржувањето на фестивалот и направил неколку селфи-фотографии. Но, набрзо сфатил дека многу се залетал со најавите и изјавил дека повеќе не сака да има никаква врска со „Алиенсток“.

1

Заклучил дека гратчето Рејчел нема инфраструктура и дека сè може да се претвори во катастрофа.

- Не сакам мојот бренд и моето лице да се поврзуваат со нешто катастрофално како што е фестивалот „Фајер“ 2.0. А може да биде и полошо поради локацијата и близината на базата. Имајќи го тоа предвид, немав друг избор освен да се откажам од сè - рече тој.

На крајот имаше тематска забава во Лас Вегас, спонзорирана од „Бад лајт“, а одѕивот бил скромен, со оглед на тоа што милион луѓе одговориле позитивно за присуство на настанот.

Иако фестивалот не успеал, спонзорираната тематска забава е релативно голем успех за нешто што можеше да заврши како шега со краток рок на траење. Сепак, Робертс несомнено успеал во едно - да предизвика бес кај луѓето кои веруваат во теории на заговор поврзани со „Ареа 51“.

Еден од нив е Џереми Корбел, кој последните седум години ги поминал следејќи го Боб Лазар и помагајќи му да ја „шири вистината“.

Иако смета дека целиот овој циркус привлекол внимание на тема што му е важна, смета дека Робертс го поткопува целиот потенцијал, и дека ова е рецепт за катастрофа. Тоа се покажа како точно откако неколку јутубери се обиделе да упаднат во базата и завршиле со лисици на рацете.

И додека медиумите и теоретичарите на заговор паѓаат на неговата приказна, Робертс воопшто не се оптоварува. Тој направил мала пауза од студирањето и одлучил да се посвети на „Алиенсток“, фестивал во чија иднина и понатаму верува.

Но, кога ќе се врати на факултет, би сакал да се префрли на маркетинг. Судејќи според тоа што го постигна, можеби не е лоша идеја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот