X
 03.11.2019 Живот

Најскромната кралица владее со најсреќната земја на светот

Кралицата на Бутан, Џецун Пема, има 28 години и е најмладата кралица на светот. Таа ги маѓепса жителите на оваа мала земја со нејзината убавина и скромноста.

Младата кралица, која неодамна го роди своето прво дете, е родена во фамилија која имала врска со кралската фамилија, но била без титула.

Нејзиниот татко Дондуп Ѓалтшен е полубрат на поранешната кралица. Исто така, нејзината мајка Сонам Чунки потекнува од стара аристократска фамилија и е кума на бутанскиот принц. И нејзината сестра Џецо Ламо е омажена за братот на кралот.

Џецун се школувала во Индија, каде што уживала во кошарката и сликањето, а редовно освојувала награди на натпревари во дебати и реторика. Течно говори хинду, англиски и ѕонгка, официјалниот јазик на Бутан.

Сепак, таа со двете нозе е на земја.



- Таа не фантазира. Мислам дека никогаш не ни сонувала дека ќе стане кралица - истакна еден нејзин поранешен професор.

Студиите по меѓународни односи и психологија ги завршила во Велика Британија. На 21-годишна возраст се свршила со кралот и со тоа поттикнала многу полемики бидејќи младиот пар го прекршил протоколот и решил да ѝ се спротивстави на традицијата на договорени бракови.

Тие прекршиле уште една норма - живееле заедно пред да се венчаат.

Нивната љубовна приказна навистина потсетува на бајките. Се запознале на фамилијарен пикник кога Јетсун имала 7, а идниот крал 17 години. Тој тогаш клекнал пред неа и ѝ рекол дека би сакал еден ден таа да му биде сопруга.

Кралот-змеј, како што го нарекува народот, станал монарх во 2006 година, кога неговиот татко абдицира. Одлучи да ѝ ја одземе апсолутната моќ на круната и да го отвори патот кон демократијата и уставната монархија.

Венчавката со Џецун беше поинаква. Тоа беше 5-часовна будистичка церемонија во тврдина од 17 век, а невестата носеше традиционална облека.



Интересно е што во Бутан е дозволена полигамија, а неговиот татко тоа го искористил и се оженил со дури 4 жени. Меѓутоа, младиот крал одлучил Џецун да му биде единствена жена. Таа неодамна му роди и наследник.



Бутан е единствената земја на светот во која власта е убедена дека среќата е најважната цел кон која се стреми целото население. Колку им е важно тоа, покажува и податокот дека правото на среќа е запишано во 9. член од нивниот устав.

Поради тоа, на секое лице во земјата во рамките на пописот на населението, меѓу другите, се поставува и прашањето дали сте среќни.

Во последниот попис во 2015 година 35 отсто од населението истакнале дека се многу среќни, 47,9 дека се умерено среќни и само 8,8 се несреќни.

Во Бутан не постои концептот на бруто-домашен производ. Наместо тоа, за благосостојбата во земјата се користи поинаков индикатор - бруто-национална среќа. Тој концепт настанал во 1972 година, како идеја на тогашниот крал. Идејата претставува противтежа на БДП и потекнува од будизмот.

Постојат четири основни компоненти на бруто-националната среќа, а тоа се културната димензија, рамноправниот економски развој, доброто управување и заштитата на животната средина.

Затоа среќата се смета за главен приоритет на националната политика. Владата на Бутан дури и основа министерство за среќа, кое досега го немаше ниедна земја на светот.

Бутан, која според сите показатели е уникатна земја, многу помалку е погоден од глобалните проблеми како што се глад и криминал.

Луѓето таму живеат задоволен живот, не се опседнати со модерната технологија и успешно го зачувале своето културно наследство. За ова е заслужен фактот што досега не искусиле воени разорувања или екстремна сиромаштија.

Нивниот закон забранува убивање на животни, така што мнозинството жители се вегетаријанци. Исто така, забранет е увоз на пестициди, што значи дека земјоделските производи воопшто не содржат штетни состојки.

Уште еден аспект на животот во Бутан е тоа што не се сечат шумите - населението секогаш се труди да засади што е можно повеќе стебла. Средишните и јужните делови на земјата воопшто не се урбанизирани - тие подрачја во принцип се големи природни резервати со богата флора и фауна.

Во последните 20 години животниот век во Бутан е дуплиран, а речиси сите деца во оваа не толку богата земја одат на училиште.

Исто така, во согласност со зачувувањето на животната средина, Бутан воведе пешачки ден еднаш месечно. На тој ден сите вработени одат пеш на работа и никој не оди со автомобил за да не ја загадува околината.

Бутан успеа да го задржи поголемиот дел од своето природно богатство од едноставна причина: ловот е забранет, а речиси нема сечење на шумите. Ова кралство (парламентарна монархија) произведува доволно за да може да се издржува самото.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот