X
 21.04.2024 Живот

Чоколадото има изненадувачки позитивно влијание врз нашето здравје, вели британски експерт

И покрај неговата репутација дека е богато со масти и шеќери, новите докази покажуваат дека чоколадото, особено сировите зрна какао, може да има изненадувачки здравствени придобивки.

Д-р Ден Баумгард, виш предавач на Факултетот за физиологија, фармакологија и невронаука на Универзитетот во Бристол, Велика Британија, го открива интригантниот ефект на чоколадото врз здравјето.

- Чоколадото, поточно какаото, сировото, нерафинирано зрно, е лековито чудо. Содржи многу различни активни соединенија кои можат да произведат фармаколошки ефекти во телото како лекови - вели д-р Баумгард.

Чоколадото и расположението


Познато е дека клучните соединенија, како што се теоброминот и кофеинот, присутни во чоколадото ја преминуваат крвно-мозочната бариера, влијаат врз нервниот систем и поради тоа чоколадото добива репутација на храна која предизвикува зависност. Но, какви ефекти има чоколадото врз расположението?

Спроведен систематски преглед разгледал група студии кои ги испитувале чувствата и емоциите поврзани со консумирањето чоколадо. Повеќето покажале подобрувања во расположението, анксиозноста, енергијата и возбудата, забележува д-р Баумгард.

Други потенцијални придобивки


Понатаму, историската употреба на чоколадото како лек за разни заболувања укажува на потенцијални придобивки надвор од подобрувањето на расположението. Со векови чоколадото се користело како лек за лекување голем број заболувања, вклучувајќи анемија, туберкулоза, гихт, па дури и ниско либидо, објаснува д-р Баумгард.

Иако чоколадото може да понуди здравствени придобивки за луѓето како што се намалување на крвниот притисок и подобрување на отпорноста на инсулин, неговата содржина на масти и шеќер не треба да се занемари.

Науката вели дека е добро да се консумира чоколадото кое има што повеќе какао, со минимум адитиви. Дневната доза од 20 до 30 грама обично или темно чоколадо со содржина на какао над 70 отсто може да доведе до поголеми здравствени придобивки, како и поголемо задоволство, советува д-р Баумгард.

Иако потенцијалните здравствени придобивки од чоколадото се примамливи, умереноста и внимателното консумирање и понатаму се клучни за неговото позитивно влијание врз нашето здравје.

Извор: The Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот