X
 04.03.2026 Наука

Луѓето што како млади преживеале рак побрзо стареат и имаат поголем ризик за развој на деменција

Тинејџерите и младите возрасни лица што преживеале рак стареат побрзо од луѓето на нивна возраст што никогаш ја немале болеста, покажува ново истражување. Научниците пронашле знаци на побрзо стареење не само во клетките, туку и во перформансите на мозокот, вклучувајќи ги памтењето, вниманието и способноста за обработка на информации.

Истражувањето го водела д-р Ана Лин Вилијамс од Институтот за рак „Вилмот“ при Универзитетот „Рочестер“, заедно со д-р Кевин Крул од Детската болница „Сент Џуд“.

Промените во животниот стил може да помогнат да се забави биолошкото стареење

Можеби има и охрабрувачки вести. Тековната работа во институтот покажува дека дел од забрзаното стареење што се забележува кај младите што преживеале рак може да се забави или дури и да се врати во првобитната состојба преку здрави навики, како што се откажување од пушење, редовно вежбање и подобрување на исхраната, велат авторите.

- Младите што преживеале рак имаат уште многу децении живот. Значи, ако овие забрзани промени во стареењето се случуваат рано и ги носат на поинаква траекторија, целта е да се интервенира не само за да се зголеми нивниот животен век, туку и да им се подобри квалитетот на живот - вели д-р Вилијамс.

Многумина што биле лекувани од рак во детството или младоста се насочени на тоа да го завршат училиштето, да започнат кариера, да стекнат независност или да основаат семејство. Когнитивните предизвици можат да ги отежнат овие достигнувања.

- Тоа е како совршена бура. Затоа гледаме дека многу преживеани имаат полоши образовни и работни резултати од нивните браќа и сестри – додава д-р Вилијамс.

Вилијамс, која исто така преживеала рак, работи како доцент на Одделот за хирургија и е дел од истражувачката програма за превенција и контрола на ракот на Институтот „Вилмот“, а се фокусира на намалување на долгорочните симптоми кај преживеаните. 

Студијата вклучила околу 1.400 учесници третирани во „Сент Џуд“. Кај сите веќе биле поминати најмалку пет години од нивната терапија за рак, а кај некои и децении. Повеќето биле третирани за акутна лимфобластна леукемија (АЛЛ) или Хоџкинов лимфом.

Истражувачите пронашле докази за побрзо биолошко стареење, без оглед на видот на третманот што бил примен во детството. Сепак, хемотерапијата била поврзана со најголемо забрзување на стареењето. Бидејќи хемотерапијата може да ја промени структурата на ДНК и да предизвика клеточно оштетување, се чини дека има најсилен ефект врз процесот на стареење.


Биолошка возраст поврзана со функцијата на мозокот

Истражувачите, исто така, идентификувале тесна врска помеѓу клеточното стареење и когнитивните перформанси. Тие што преживеале рак, чија биолошка возраст била поголема од нивната вистинска хронолошка возраст, имале поголеми проблеми со памтењето и вниманието.

За лицата што примиле зрачење директно во мозокот, Вилијамс вели дека приоритет е спречување на понатамошно опаѓање на функцијата. Научниците сега се обидуваат да утврдат кога започнува забрзаното стареење. Тоа истражување е во тек во „Вилмот“.

Во неодамнешна пилот-студија Вилијамс испитала примероци од ткива и клетки земени пред и по третманот на 50 лица со Хоџкинов лимфом и ги споредила со примероци од 50 здрави лица. Работејќи со Џон Ештон, доктор на науки во „Вилмот“, таа ги анализирала податоците за да утврди дали процесот на стареење започнува за време на третманот или се развива години подоцна.

Извор: sciencedaily.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука