Проф. д-р Игор Јорданов, декан на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје, има богато меѓународно, академско и научноистражувачко искуство. Како стипендист на програмата „Фулбрајт“ на Владата на Соединетите Американски Држави, тој престојувал и работел на Универзитетот „Тексас А&M“ во Тексас, САД, каде што бил вклучен во истражувања поврзани со развојот на наноструктурирани превлаки за огноотпорни материјали. Дополнително, има значајно искуство во научноистражувачка работа стекнато на Универзитетот во Гент, Белгија, и на Универзитетот во Љубљана, Словенија.
Со 28-годишно професионално искуство на ТМФ, проф. Јорданов поседува темелно познавање на функционирањето и развојот на високообразовната институција, како и јасна визија за унапредување на наставата, научноистражувачката дејност и соработката со индустријата. Тој е раководител на Лабораторијата за напредни материјали, формирана и опремена во рамките на НАТО-проектот „MULProTex“. Воедно, тој раководи и со „Inno Fab Lab“, првата лабораторија за прототипирање во Македонија, лоцирана на ТМФ, а реализирана со финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, денес ИНОВА, Амбасадата на САД во Скопје и пет компании од Република Македонија: „Макстил“, „ТИТАН Цементарница Усје“, „Текстил Солушн“, „Кабтел“ и „Завар Компани“. Преку ваквите активности, проф. Јорданов активно придонесува кон поврзување на академската заедница со индустријата, поттикнување на иновациите и создавање современи услови за практична настава, истражување и развој.
Како декан, кои се приоритетните активности што планирате да ги спроведете на ТМФ за време на Вашиот мандат?
На позицијата декан на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) дојдов со јасна визија - ТМФ уште поинтензивно да продолжи да се развива како современа, интердисциплинарна и високообразовна институција која е силно поврзана со индустријата. Денес образованието и науката се менуваат со исклучително брзо темпо, под влијание на дигиталната трансформација, автоматизацијата, вештачката интелигенција и потребата од одржлив развој. Затоа, Технолошко-металуршкиот факултет мора континуирано да ги следи глобалните технолошки трендови и да создава инженери подготвени да одговорат на реалните предизвици на современото општество и индустријата.
Приоритетите на мојот мандат се насочени кон подобрување на условите за работа и настава, модернизација на лабораториските капацитети, зајакнување на научноистражувачката дејност, продлабочување на соработката со индустријата и поголемо вклучување на студентите во сите активности на Факултетот. Особено е важно студентите, покрај квалитетните теоретски знаења, да стекнуваат практични, аналитички и инженерски вештини преку проектна работа, стручна пракса и директна соработка со компаниите. Успехот на мојот мандат го гледам преку мотивирани и успешни студенти, зголемен број запишани студенти, поголема видливост на Факултетот и негово позиционирање како доверлив партнер на индустријата, институциите и општеството.
Од аспект на наставата, оваа година нè очекува акредитација на нови студиски програми, кои ќе бидат целосно усогласени со потребите на современата индустрија и пазарот на трудот. Во наставните планови и програми ќе бидат интегрирани современи содржини од областа на автоматизацијата, дигитализацијата, вештачката интелигенција, зелените технологии, циркуларната економија и одржливите материјали. На тој начин студентите ќе стекнат знаења и компетенции што ќе им овозможат успешно да се вклучат во индустријата веднаш по дипломирањето.
Какви новини ќе понуди ТМФ во новата академска година во делот на лабораториската настава и истражувањата?
Во делот на научноистражувачката дејност, Факултетот започна со целосно реновирање и модернизација на четири лаборатории од април оваа година, кои ќе бидат пуштени во употреба со почетокот на новата академска година. Паралелно со тоа, ќе започне реконструкцијата на уште четири лаборатории, со што ќе се продолжи процесот на целосна модернизација на лабораториската инфраструктура на Факултетот. Овие лаборатории претставуваат еден од најголемите адути на Технолошко-металуршкиот факултет бидејќи лабораториската настава е суштински дел од инженерското образование. ТМФ е единствениот факултет во Република Македонија кој ги покрива областите на технологијата и металургијата и располага со современа лабораториска инфраструктура, опремена со најсовремени аналитички инструменти и лабораториска опрема.
Модернизираните лаборатории и современата аналитичка опрема ќе претставуваат основа за започнување на постапката за акредитација на лабораторија на Технолошко-металуршкиот факултет. Во рамките на акредитираната лабораторија ќе бидат опфатени голем број методи од сите научни области што ги покрива Факултетот. Со тоа ќе се создадат услови ТМФ, покрај својата образовна и научноистражувачка улога, да обезбедува и високо квалитетни лабораториски услуги за индустријата и другите институции.
Особено сме горди што дел од новите лаборатории, пред сè, лабораториите по органска и неорганска хемија, ќе бидат отворени и за учениците од средните училишта. Во нив учениците ќе можат да ги реализираат практичните вежби по предметите хемија, физика и биологија во современи лабораториски услови, со најнова опрема и под менторство на нашиот наставен кадар. Оваа иницијатива, која е поддржана од Министерството за образование и наука, ќе придонесе за подигнување на квалитетот на наставата во средното образование, ќе ја доближи науката до младите и ќе ги мотивира учениците да изберат инженерски студии. Очекуваме оваа иницијатива да предизвика голем интерес кај средните училишта, наставниците и учениците од целата држава.
Кои се јаките страни на ТМФ, а кои се предизвиците со кои се соочува?
ТМФ е реномирана високообразовна и научна институција со речиси седум децении традиција и значаен придонес во развојот на македонската индустрија и економија. Негова јака стана е широкиот спектар на области што ги опфаќа, како што се неорганската технологија и заштитата на животната средина, прехранбената технологија, биотехнологијата, дизајнот и инженерингот на облека, дизајнот на технолошките процеси, полимерната технологија, инженерството за материјали и нанотехнологиите и металургијата. Дополнителна предност е практичниот пристап во наставата. Студентите не учат само теорија, туку преку лабораториски вежби, проекти, пракси и соработка со компании стекнуваат применливи знаења и инженерски начин на размислување. Токму поврзаноста на наставата, науката и индустријата е една од најголемите вредности на Факултетот.
Предизвиците со кои се соочува ТМФ се зголемувањето на бројот на студенти, континуираното осовременување на лабораториската инфраструктура и воспоставувањето акредитирана лабораторија за испитување на сите видови материјали што ги опфаќаат научните и стручните области на Факултетот. За привлекување поголем број студенти спроведуваме континуирани промотивни активности во средните училишта во текот на целата година, со кои ги запознаваме матурантите со можностите што ги нуди ТМФ. Истовремено, во тесна соработка со индустријата обезбедуваме стипендии и можности за практична настава, со што на идните студенти им овозможуваме полесен премин кон професионална кариера. Паралелно со тоа, студиските програми постојано се унапредуваат и се усогласуваат со современите научни достигнувања и потребите на стопанството. Во насока на подобрување на условите за настава и научноистражувачка работа, процесот на реконструкција и модернизација на лабораториите е веќе започнат и ќе продолжи и во наредниот период.
Како планирате да го зголемите интересот за студирање на ТМФ?
Интерес за студирање на ТМФ постои, но сметам дека има значителен простор дополнително да се зголеми. Во услови кога бизнис-секторот сè погласно укажува на сериозен недостиг на инженери технолози и металурзи, ТМФ има важна улога да покаже дека инженерските професии нудат сигурна, добро платена и перспективна кариера, со можности за професионален развој како во земјата така и во странство.
Денес постои интересен парадокс: од една страна, компаниите имаат постојана потреба од инженерски кадар, а од друга страна, интересот на младите за студирање во овие области не е на нивото што го бара пазарот на трудот. Свесни за овој предизвик, голем број компании веќе нудат стипендии за студентите на ТМФ, кои започнуваат од околу 200 евра месечно, со цел да привлечат квалитетен кадар. Тоа е позитивен чекор, но не е доволен сам по себе. Компаниите мора да ги разберат новите очекувања и вредности на младите генерации. Доколку сакаат успешно да регрутираат инженери од ТМФ и од другите инженерски факултети, потребно е да ги прифатат неколкуте важни принципи.
• Прво, создавањето квалитетен инженерски кадар е долгорочен процес кој трае најмалку четири години и бара континуирана инвестиција преку стипендии, практична обука и поддршка за студентите уште за време на нивното студирање.
• Второ,
младите инженери очекуваат конкурентни услови за работа и соодветно вреднување на нивното знаење. Затоа, компаниите што сакаат да привлечат квалитетен инженерски кадар мора да понудат конкурентни почетни плати кои почнуваат од 50.000 до 60.000 денари, со јасни можности за професионален развој.
• Трето, и можеби најважно, инженерите технолози и металурзи треба да бидат третирани како висококвалификувани стручни лица, а не како обична работна сила која работи во три смени. Тие треба да бидат вклучени во процесите на развој, оптимизација и иновации, да имаат можности за напредување и да работат во услови што ја поттикнуваат нивната креативност, стручност и професионален развој.
Токму односот кон инженерскиот кадар во минатото беше една од причините што многу средношколци не го препознаваа ТМФ како прв избор за својата идна кариера. Денес, ситуацијата постепено се менува. Компаниите кои навреме ги препознаа новите очекувања на младите, инвестираа во стипендии, понудија подобри услови за работа и создадоа позитивна организациска култура, веќе успешно привлекуваат и задржуваат квалитетни инженери.
Од друга страна, компаниите кои сè уште функционираат според старите модели ќе мора да ги приспособат своите политики доколку сакаат да останат конкурентни. Во услови на динамична, глобална и високо конкурентна економија, човечкиот капитал е највредниот ресурс, а инвестицијата во младите инженери претставува инвестиција во иднината и одржливиот развој на самите компании.
Уписите само што не почнале, кои студиски програми Факултетот ќе им ги понуди на студентите оваа академска година?
Во академската 2026/2027 година, на првиот циклус студии (додипломски студии) на ТМФ во Скопје се активни осум студиски програми на македонски и четири студиски програми на англиски јазик, наменети за странски студенти.
Студиските програми се современо конципирани и креирани во тесна соработка со индустријата, со цел да одговорат на актуелните потреби на пазарот на трудот и на современите технолошки трендови. Наставните планови континуирано се усогласуваат со најновите научни достигнувања, примената на дигиталните технологии, вештачката интелигенција, автоматизацијата и принципите на одржливиот развој, овозможувајќи им на студентите да стекнат современи знаења и практични компетенции кои се високо ценети од работодавците.
Осумте студиски програми на македонски јазик се:
•
Неорганско инженерство и заштита на животна средина
•
Прехранбена технологија
•
Дизајн и инженеринг на облека
•
Дизајн и менаџмент на технолошки процеси
•
Инженерство на материјали и нанотехнологии
•
Металуршко дигитално инженерство и
Четирите студиски програми на англиски јазик се
•
Дизајн и инженеринг на облека
•
Металуршко дигитално инженерство
• Дизајн и менаџмент на технолошки процеси
• Инженерство на материјали и нанотехнологии
Студиите се конципирани во тесна соработка со индустријата, но реално колку студенти по дипломирањето наоѓаат работа?
Студирањето на ТМФ нуди одлична основа за кариерен напредок и брзо и успешно вклучување на пазарот на труд. Профилите што ги создава Факултетот се потребни во различни индустриски гранки, а инженерскиот кадар веднаш наоѓа работа затоа што индустријата има огромна потреба за инженери технолози и металурзи, па затоа студирањето на нашиот факултет претставува одлична можност за инвестиција во сопствената животна кариера.
Предноста на нашите студенти е што покрај темелните теоретски знаења, стекнуваат и практични, аналитички и инженерски вештини преку лабораториска работа, проектни активности и практична настава во компании. Ваквиот пристап им овозможува уште по дипломирањето да бидат подготвени за успешно справување со реалните предизвици во работната средина. Особено значајна е можноста студентите активно да се вклучат во апликативни проекти, во рамките на кои, заедно со наставниот кадар и партнерските компании, работат на решавање реални индустриски предизвици и развој на иновативни производи. На тој начин тие стекнуваат непосредно искуство во примената на научните и инженерските знаења во пракса.
Како успешен пример може да се издвојат проектите реализирани во соработка со водечки компании. Во партнерство со Макпрогрес, студентите активно учествуваа во процесот на развој и производство на брендирано чоколадо стекнувајќи практично искуство во областа на прехранбената технологија и развојот на производи. Во соработка со Пивара Скопје студентите работеа на креирање три иновативни вкусови на крафт пиво – Ruby Sour, Green Theory и Mountain Nectar, при што ги применија своите знаења во развојот, формулацијата и евалуацијата на нови производи. Истовремено, во соработка со Титан Цементарница Усје, студентите се вклучени во решавање реални инженерски и технолошки предизвици поврзани со цементната индустрија, придонесувајќи кон развој на иновативни и одржливи решенија.
Ваквите партнерства со индустријата претставуваат значајна додадена вредност на студиските програми. Тие не само што им овозможуваат на студентите да го применат знаењето стекнато во наставниот процес, туку и да развијат креативно размислување, способност за тимска работа, комуникациски и лидерски вештини и подлабоко разбирање на потребите и очекувањата на современата индустрија. Токму оваа комбинација на академско знаење и практично искуство ги прави дипломираните инженери на ТМФ високо конкурентни и подготвени за успешна професионална кариера.
Колку Факултетот ги има опфатено новите трендови во науката од еколошки технологии, напредни функционални материјали, циркуларна економија и слично?
Одржливите технологии, циркуларната економија, напредните материјали и нанотехнологиите се меѓу клучните области на современата наука и индустрија, а ТМФ има значајна улога во нивниот развој. Преку наставата, лабораториската работа и научноистражувачките проекти, студентите стекнуваат знаења за рационално користење на ресурсите, управување со отпад, рециклирање, развој на нови материјали и унапредување на индустриските процеси. Принципите на циркуларната економија и одржливиот развој се интегрирани во сите студиски програми на ТМФ. Дополнително, преку домашни и меѓународни проекти создаваме нови знаења и иновативни решенија, кои им ги пренесуваме на студентите и индустријата преку практична настава, работилници и директна примена во технолошките процеси.
Како професор кој се грижи за иднината на младите преку образованието, кој е Вашиот став за намалување на миграцијата?
Младите ќе изберат да студираат и да ја градат својата кариера во Македонија доколку им се понуди квалитетно образование, современи услови за студирање, практична настава и јасна перспектива за вработување со солидни примања кои ќе ги задоволат нивните животни потреби. Истовремено, неопходно е да им се овозможи меѓународна мобилност и стекнување искуство на странски универзитети, со цел стекнатото знаење да го применат дома. За тоа се потребни посилни врски меѓу универзитетите и индустријата, повеќе стипендии, платени практики и можности за прво вработување. Кога младите ќе препознаат дека овде можат да добијат квалитетно образование и да изградат успешна професионална кариера, нивната мотивација да останат ќе биде значително поголема.
Фото: приватна архива