Дваесет и седумгодишната Ребека Шарок од Бризбејн, Австралија, има сеќавање од периодот кога била само една недела стара. Таа вели дека памети оти била покриена со розово ќебенце, во прегратките на својата мајка. Многумина ќе речат дека се работи за носталгичен сон, а не за вистинско сеќавање.
Сепак, Ребека нема сеќавања како повеќето луѓе. Ѝ бил дијагностициран редок синдром наречен Висока супериорна автобиографска меморија. Се работи за уникатна невролошка состојба кога индивидуата се сеќава на секоја работа што се случила на одреден датум. Ваквите луѓе можат веднаш и без многу напор да се сетат што правеле, што носеле или каде биле во одредено време. Се сеќаваат на јавни вести и лични настани во фотографски детали и голема прецизност.
Додека растела, Ребека мислела дека сите имаат сеќавања како неа. Дијагнозата ѝ била поставена во 2013 година. Ваквата состојба била откриена во почетокот на 21 век, а околу 60 луѓе е познато дека ја имаат дијагнозата на глобално ниво. Истражувањата уште се одвиваат, но некои од нив покажуваат дека темпоралниот лобус (каде што се процесира меморија) е поголем во мозокот кај овие луѓе. Состојбата подразбира живописни детали и иако е фасцинантно за науката, може да е лошо за оние што ја искусуваат.
Некои објаснуваат дека нивните сеќавања се високо организирани. Ребека, која е исто така и аутистична, вели дека нејзиниот ум константно оживува сеќавања, а тоа ѝ предизвикува главоболка и несоница. Ребека пати и од депресија и анксиозност, па нејзината извонредна меморија прави таа да се чувствува како да е емоционална временска машина. Сепак, таа се обидува да користи позитивни сеќавања за да ги преброди негативните.
фото извор: Edouard Taufenbach
Ваквата состојба може да им даде на научниците увид во тоа како бебињата и децата гледаат на светот. Друг аспект на оваа способност е начинот на кој има влијание врз сонувањето кај овие луѓе. Ребека вели дека како возрасна личност може да ги контролира своите соништа и ретко има кошмари. Таа во моментов е дел од две истражувања на универзитетите во Квинсленд и Калифорнија, па се надева дека откритијата ќе им помогнат и на оние што страдаат од Алцхајмерова болест.
Иако има кристално јасни сеќавања за речиси секој настан во нејзиниот живот, има една работа на која не се сеќава – нејзиното раѓање.
Ребека вели дека не сака да промени ништо – сака да продолжи да размислува и да се чувствува на ист начин бидејќи едноставно сака да пронајде начини да се справува со состојбата и смета дека тоа е дел од нејзината личност.