X
 04.12.2018 Живот

За само три месеци Австралија ја намали употребата на пластичните кеси за 80 отсто, еве како

Во светот има сè поголем притисок за борба со зависноста од пластика. Депониите и океаните се задушуваат од пластика на која може да ѝ бидат потребни векови за да се разгради.

Сепак, нови случувања во светот покажуваат дека мали промени во политиката околу пластиката може да направат големи промени во општеството.

Кога двата најголеми синџири маркети во Австралија решија да ги забранат пластичните кеси пред околу три месеци, тоа резултира до 80-отстотно намалување на вкупната употреба на пластични кеси во земјата.

Кога „Колс“ и „Вулвортс“ се обврзаа да ги забранат пластичните кеси летово, во Австралија не одеше сè така мазно. На почетокот нештата беа тешки - од „Вулвортс“ имаа намалена продажба за која вината му ја припишуваа на потегот, а од „Колс“ накратко го анулираа правилото пред да воведат мала давачка за пластичните кеси.

Но, само неколку месеци подоцна, според австралиската Национална асоцијација за малопродажба, забраната на пластичните кеси придонела за значителна разлика во животната средина. Групата проценува дека околу 1,5 милијарда кеси се задржани надвор од животната средина.

Во октомври ЕУ гласаше за целосна забрана на пластичните кеси за една употреба до 2021 година, иако земјите-членки сè уште треба да го одобрат законот. Во меѓувреме, потегот на австралиските маркети покажува дека малите промени на малопродажните бизниси исто така можат да помогнат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот