Сите луѓе што живеат во Јапонија еден ден би можеле да го носат истото презиме, освен ако не се променат рестриктивните закони за брак, покажува ново истражување.
За разлика од повеќето светски економии што ја прекинаа традицијата, Јапонија сè уште законски бара брачните парови да го делат истото презиме. Нормално, сопругите го земаат презимето на сопругот, а истополовите бракови и понатаму се нелегални.
Сега, во подем е движењето за промена на правилата околу презимињата, предводено од застапниците за правата на жените и оние што се обидуваат да ја зачуваат различноста на јапонските презимиња во нација каде што неколку имиња стануваат сè почести.
Ако правилата продолжат, сите Јапонци би можеле да се презиваат Сато до 2531 година, според Хироши Јошида, економист од Универзитетот Тохоку, кој го водел истражувањето.
Според „Муоџи Јураи“, компанија која следи повеќе од 300.000 презимиња во Јапонија, презимето Сато во моментов е најзастапено, а по него е Сузуки. Такахаши се наоѓа на трето место. Околу 1,8 милиони луѓе од 125-милионското население на Јапонија го имаат презимето Сато.
Истражувањето на Јошида беше нарачано од „Тинк нејм проџект“, група која бара законски измени за да им се овозможи на паровите да ги задржат двете презимиња.
Професорот вели дека неговата проекција ќе се одржи само ако земјата може да го надмине она што е веќе една од нејзините најитни кризи: постојаното опаѓање на стапката на бракови.
Бројот на бракови во Јапонија се намали за речиси 6 отсто во 2023 година во однос на претходната година, паѓајќи под 500.000 првпат во 90 години, додека разводите се зголемија за 2,6 отсто минатата година, според официјалните бројки.
- Ако многу помалку луѓе стапат во брак од она што се очекува, постои можност оваа пресметка да биде поинаква - рече Јошида, истакнувајќи во истражувањето дека популацијата на Јапонија би можела масовно да се намали во текот на наредниот милениум поради намалената стапка на наталитет.
- Можноста јапонската раса да исчезне е голема - рече тој.
Според владините бројки објавени минатата година, процентот на постари лица во Јапонија, дефинирани како 65-годишна возраст и повеќе, е на рекордно високо ниво, што опфаќа 29,1 отсто од населението што е највисока стапка во светот.
Населението на Јапонија е во постојан пад од нејзиниот економски бум во 80-тите, со стапка на фертилитет од 1,3 - далеку под 2,1 потребна за одржување на стабилно население, во отсуство на имиграција.
Смртните случаи ги надминуваат раѓањата во Јапонија повеќе од една деценија, што претставува сѐ поголем проблем за лидерите на оваа земја.
Премиерот Фумио Кишида издаде предупредување за кризата со населението во јануари минатата година, велејќи дека земјата е на работ да не може да ги одржува социјалните функции поради падот на наталитетот.
Низ поголемиот дел од Источна Азија, имињата на луѓето генерално се помалку разновидни отколку во западните земји. На пример, според владините бројки од 2020 година, околу 30 отсто од луѓето во Кина се викаат Ванг, Ли, Џанг, Лиу или Чен, а огромното мнозинство од населението (речиси 86 отсто) споделува само 100 презимиња.
Извор:
CNN
Фото: Freepik