Мислам дека нашата генерација има потреба да зборува за теми кои се многу лични, но истовремено и општествени, како идентитетот, менталниот простор на човекот, изолацијата, припадноста, дигиталниот свет, односите меѓу луѓето. Публиката постепено се отвора кон тие промени, но мислам дека институциите треба да бидат уште похрабри, вели Кристина
Кристина Таневска е визуелна уметница од Кичево/Скопје. Студирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и со творештвото умешно се движи низ повеќе медиуми, како сликарство, скулптура, перформанс, видео... Уметноста за неа отсекогаш била начин да размислува, да поставува прашања и да ги истражува работите што тешко можат да се кажат само со зборови.
- Не сакам да се ограничувам на еден медиум бидејќи секоја идеја сама по себе ми го наметнува начинот на кој сака да биде претставена. Не би рекла за себе дека свесно одбирам да работам мултидисциплинарно. Повеќе би рекла дека идејата е таа што го избира медиумот. Некогаш чувствувам дека една идеја треба да биде слика, некогаш предмет, а некогаш мора да се случи во просторот и во присуство на публика. Токму затоа перформансот ми е особено интересен бидејќи во него уметничкото дело не е само објект, туку станува ситуација, време, движење и однос со публиката - вели Кристина.
Најмногу ме инспирира човекот, неговите внатрешни состојби, односите со другите
Сликарството ѝ е една од најблиските форми на изразување. Вели дека во него има чувство дека може најдолго да остане со една мисла или емоција.
- Во последно време сè повеќе ме привлекува моментот кога сликата може да излезе од платното и да продолжи во просторот, во телото или во самото искуство на гледачот.
Најмногу ме инспирира човекот, неговите внатрешни состојби, односите со другите, сеќавањата, стравовите, желбите и начинот на кој се обидува да се пронајде себеси.
Често тргнувам од нешто лично, но не сакам делото да остане само моја приказна. Ме интересира моментот кога едно лично искуство може да стане препознатливо и за некој друг. Кога гледачот ќе се препознае во нешто што првично било создадено од туѓо искуство, тогаш мислам дека се случува вистинската комуникација. Затоа верувам во искреноста. Не мора уметникот буквално да го раскаже својот живот за да биде искрен. Понекогаш доволно е да постави вистинско прашање - изјавува нашата соговорничка.
Кристина претендира да ја изнесе уметноста надвор од галерискиот простор и да ја доближи до публиката, со цел да ја направи средбата на современата уметност со публиката поприродна, подостапна.
- Една од причините што мислам дека ја оддалечуваат публиката од современата уметност е чувството дека современата уметност „мора да се разбере“. Кога човек ќе влезе во галерија и ќе почувствува дека постои некој точен одговор кој тој мора да го знае, природно е да се создаде дистанца. За мене, уметноста не мора секогаш да биде нешто што веднаш се разбира. Може да биде нешто што се чувствува, нешто што те збунува, те засмева, те вознемирува или те тера да размислуваш подоцна. Мислам дека уметникот може да ја направи средбата поприродна со тоа што ќе создава ситуации во кои публиката не е само набљудувач. Јавниот простор, перформансот, интеракцијата и различните форми на учество можат да ја намалат границата помеѓу „уметничкото дело“ и секојдневниот живот - вели Кристина.
Недостига поголема континуирана поддршка за младите автори
Кога станува збор за институционални недостатоци со кои се соочуваат младите, таа првично го споменува просторот, односно недоволно отстапување простор за младите уметници.
- Постојат иницијативи, фестивали, независни простори и институции кои отвораат можности за младите, но тие можности не се секогаш континуирани. На младите автори не им треба само можност еднаш да изложат. Им треба простор да експериментираат, да погрешат, да создаваат и повторно да се обидат. Мене лично најмногу ми недостига поголема континуирана поддршка за младите автори, повеќе отворени повици, резиденции, продукциски средства, достапни простори и можности за професионално поврзување. Не секој млад уметник има услови сам да го финансира својот проект. Мислам дека институциите би можеле повеќе да го поддржуваат процесот, а не само готовиот резултат - изјавува Кристина.
Таа забележува нова енергија на современата македонска уметничка сцена. Многу млади автори кои не сакаат да останат во рамките на една дисциплина и кои слободно се движат помеѓу визуелната уметност, перформансот, видеото, дизајнот, музиката и новите технологии.
- Мислам дека нашата генерација има потреба да зборува за теми кои се многу лични, но истовремено и општествени, како идентитетот, менталниот простор на човекот, изолацијата, припадноста, дигиталниот свет, односите меѓу луѓето. Публиката постепено се отвора кон тие промени, но мислам дека институциите треба да бидат уште похрабри. Ако сакаме современата сцена да се развива, треба да им дадеме простор и на формите кои сè уште не знаеме точно како да ги дефинираме. Мислам дека живееме во време во кое границите помеѓу медиумите речиси и да не постојат. Денес една идеја може да започне како слика, да продолжи како видео, да стане перформанс и на крај да постои и во дигиталниот простор.
Вештачката интелигенција и дигиталните технологии дополнително го менуваат начинот на кој ги разбираме создавањето и авторството. Но, токму затоа мислам дека човечкото искуство станува уште поважно. Во време кога можеме за неколку секунди да создадеме визуелно совршена слика, за мене станува поважно прашањето: зошто ја создаваш? Од каде доаѓа идејата? Што сакаш да кажеш? Можеби уметноста на нашето време е токму таква, брза, променлива, хибридна и отворена, но истовремено во потрага по нешто човечко и вистинско - подвлекува нашата соговорничка.
Периодов Кристина е посветена на повеќе авторски проекти кои се движат помеѓу сликарството, перформансот и јавната уметност.
- Особено ме интересира како една идеја може да се развие во простор и да стане искуство за публиката, а не само објект за набљудување. Во иднина сакам уште повеќе да експериментирам со различни медиуми и да создавам проекти кои ќе можат да комуницираат со публика и надвор од класичниот галериски простор. Мојата најголема желба е да продолжам да создавам без да си поставувам премногу граници во однос на медиумот. Сакам секој нов проект да биде ново истражување, и за уметноста и за мене - додава уметницата.
Фото: приватна архива