X
 05.08.2020 Живот

Бројот на Британци што емигрираат во ЕУ се зголемил за 30% по гласањето за Брегзит

Бројот на Британци што емигрираат во други земји од ЕУ се зголемил за 30% по референдумот за Брегзит, а половина ја донеле одлуката за заминување уште во првите три месеци по гласањето, покажува едно истражување.

Анализата на податоците од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Евростат покажува дека миграцијата од Британија во земјите-членки на ЕУ во просек била по 56.832 лица годишно во периодот од 2008 до 2015 година, но од 2016 до 2018 тој просек се зголемил на 73.642.

Студијата покажува и дека има 500-отстотен раст на бројот на оние што го направиле тој чекор и потоа зеле државјанство од земја во ЕУ. Во Германија има 2.000-отстотен раст на бројот откако 31.600 Британци се натурализирале таму по референдумот.

- Овие зголемувања на бројките се со магнитуда која би ја очекувале кога некоја земја е погодена од голема економска или политичка криза - истакна Даниел Ојер, коавтор на студијата од Универзитетот „Оксфорд“ и Центарот за социјални науки во Берлин.

Додека договорот за повлекување потпишан во јануари ги осигурува престојот, работата и социјалните права на жителите на ЕУ во Велика Британија и Британците во блокот, со него не се гарантираат правата на слободно движење на британските мигранти, ограничувајќи ги идните шанси за вработување и престој во другите земји-членки.

Според коавторот Даниел Тетлов, од 2016 година Брегзит досега бил најдоминантниот двигател на одлуките за миграција.

Најголемиот скок во миграцијата бил во Шпанија, каде што се проценува дека живеат 380.000 Британци. Во оваа земја не била неопходна регистрација, па многумина живееле таму без да бидат вклучени во официјалните податоци на Шпанија, со просек од само 2.300 лица кои годишно се регистрирале дека мигрирале во земјата за периодот меѓу 2008 и 2015 година. По референдумот, овој број се зголемил петкратно, па во двете години меѓу 2016 и 2018 година биле забележани 21.250 регистрации.

Повеќе од 21.000 Британци емигрирале во Шпанија во периодот од 2016 до 2018 година
Фото: Guardian

Втората најпопуларна земја за Британците била Франција, која не бара регистрација на ЕУ-мигранти. Меѓу 2008 и 2015 година бројот на регистрации бил нешто повеќе од 500 годишно. По референдумот, овој број се зголемил 10-кратно, па во следните две години имало 5.000 регистрации.

Во Германија, 14.600 Британци имале двојно државјанство во 2019 во споредба со 622 во 2015 година. Вкупно 31.600 аплицирале и добиле германско државјанство во трите години по референдумот (2016-2019) со други 15.000 германски пасоши кои се очекува да се издадат оваа година. Генерално, половина од проценетите 120.000 Британци во Германија се очекува да имаат двојно државјанство до крајот на годинава.

Извор: Guardian
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот