За 5 отсто ќе им се зголемат платите на вработените во здравството, се договорија денеска министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјала, Љубиша Каранфиловски. Ќе биде зголемена платата на повеќе од 19.000 здравствени работници во земјава, посочи премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.
- Изразено во бројки, од следниот месец средномедицинскиот кадар ќе добива дополнителни 1.500 денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники на сметка ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници 4.060 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести, почнувајќи од септемвриската, платата ќе им биде повисока за 4.548 денари – рече Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на синдикатот, Љубиша Каранфиловски
Тој додаде:
- Кога на оваа сума ќе се додаде зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурство и ноќен труд, сигурен сум дека тоа во значителна мера ќе ја подобри положбата на сите работници во здравствениот систем.
Целта е платата на специјалистите да стигне до 100.000 денари, што е речиси дупло повеќе од актуелната плата.
Со потпишувањето на Спогодбата ќе се овозможи зголемувањето на платите на сите вработени во здравството за 5%, односно зголемување на основицата за пресметување плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари.
Извор и фото: МИА