X
 06.12.2022 Живот

Специјализантите би останале во Македонија доколку имаат загарантирано работно место

Под мотото „Иднината сега“, Здружението на лекари специјализанти синоќа одржа панел-дискусија на која беа споделени мислења за одливот на медицински кадар надвор од границите на државата, предлог-решенија за запирање на трендот и зајакнување на здравствените капацитети.

Претседателката на Здружението на лекари специјализанти, д-р Александра Георгиева, како организатор на синоќешната трибина, рече дека најголем број од младите лекари специјализанти би останале во државата доколку имаат загарантирано работно место. Таа посочи три предлози кои би придонеле до забавување на одливот на лекари и здравствени работници.

- На анкетата која ја спроведовме пред оваа панел-дискусија дури 70 отсто од испитаниците изјавија дека би останале во својата држава доколку имаат загарантирано работно место. Затоа предлагаме во Законот за здравствена заштита, кој во моментот е во Собрание и веќе трпи измени, да се вметне правото на загарантирана плата и дежурства за приватните специјализанти. Друг горлив проблем е едукацијата и кариерниот развој како втора најбитна причина за миграција. Тука ЗЛС предлага креирање на програма за едукација во странство на специјализанти, но и млади специјалисти. Третиот предлог е редизајнирање на критериумите за вработувања, особено во терцијарното здравство, преку формирање работна комисија во рамките на Министерството за здравство, составена од претставници на Влада, Министерството за здравство и здруженијата на млади лекари, која ќе креира предлог-измени кои би се имплементирале во текот на 2023 година - изјави Георгиева.

Министерот за здравство Беким Сали смета дека подобрување на условите во здравствените установи е една од мерките што ќе го спречат или намалат одливот на стручни кадри надвор од земјава.

- Ние како министерство реализиравме набавка на нова медицинска опрема и подобри услови со цел да ги задржиме лекарите и да го спречиме одливот на лекарите. Посебен фокус ставаме на доусовршување и обука на кадар на лекари, конкретно на лекари од Тетово кои ќе менторираат во шест области од здравството. Ние како министерство сме посветени и работиме за промена на Законот за здравствена заштита и регулирање на правото за дополнителна дејност и стимулација на нови лекари со посебен фокус на младите лекари кои основаат сопствени здравствени установи. Се надевам дека со овие мерки и други на кои работиме ќе успееме да го намалиме одливот на здравствени работници надвор од земјава - истакна министерот Сали.

Преку видеообраќање на панел-дискусијата се вклучи и претставничката и шефица на канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, д-р Ане Јохансен, која смета дека за да се реши ова одлевање на здравствени кадри, мора да се креираат и промовираат стручни кадри колку што е реалната потреба во државата.

- Треба да креираме политики кои го промовираат задржувањето на здравствените работници, но од иста важност треба да ни бидат и стратегиите за создавање квалитетни работни места кои даваат фер плата. Исто така, државите каде што има одлив на мозоци не треба да дозволат вишок  дипломирани студенти во одредени струки и треба да најдат решение за неусогласувањето на вештините кои се стекнуваат на факултетите и вештините кои се потребни на пазарот. Со други зборови, треба да се поклопат побарувачката и понудата на работни места и вештини - посочи Јохансен во видеообраќање.

Панелистите споделија планови и стратегии за задржување на младите лекари во земјата и овозможување стабилен, одржлив и силен здравствен систем.

Проф. д-р Бојан Јоксимовиќ смета дека здравствените работници државата не треба да ги гледа како ресурси, туку како капитал и во нив треба да се инвестира.

- Доколку човекот се третира како капитал, вреди многу повеќе од тоа доколку се третира како ресурс. Ако сакаме да вложуваме во подобар свет и доусовршување, ќе мора да обезбедиме услови за промена. Најдобрите таленти ги привлекува способноста, местото каде што тие можат да напредуваат, да научат нешто ново и да направат подобар свет. Наше е тоа да им го обезбедиме - порача Јоксимовиќ.

Проф. д-р Венко Филипче, претставник на фондацијата „Заев – Едно општество“, порача дека неговите приоритети како поранешен министер за здравство биле унапредување на условите како зголемување на плати за лекарите, здравствените работници и секако специјализантите кои во најголемата здравствена криза понесоа голем товар работејќи рамо до рамо со повозрасните лекари.

- Овој настан би го искористил да го најавам првиот конкретен проект, а тоа е обезбедување стипендии за пет специјализанти во ИРКАД центарот за експериментална хирургија. Не случајно ги одбравме специјализантите како еден од приоритетите во нашата работа како фондација. Вложувањето во нив е влог во поквалитетни услуги, експертиза и знаење, но и задржување на ова знаење тука во Македонија. Регионот се бори со одлив на лекари и специјалисти и ова мора да биде наш приоритет како држава. За да ги задржиме лекарите и здравствените работници тука, ние мора да имаме конкурентни услови за работа како во европските земји. Треба да им понудиме соодветна поддршка и усовршување, конкурентни плати и услови во клиниките и почитувана позиција во општеството. Едноставно немаме луксуз да губиме здравствени работници - рече Филипче.

Професорката д-р Ана Данева-Маркова посочи дека иднината на здравиот и стабилен здравствен систем зависи од сегашноста и она што се креира денес. Таа, земајќи го фактот на негативната промена на демографијата, рече дека потребата за здравствени работници ќе стане поголема.

- Се прогнозира дека демографијата на републиката ќе продолжи значително да се менува во периодот 2021 – 2030 година, што ќе влијае врз здравствените потреби и побарувачката. Тоа значи дека значително ќе се покачи бројот на луѓе постари од 65 и постари од 75 години, кои се главните потрошувачи на здравствените услуги. Оваа т.н. демографска „темпирана бомба“ веќе имаше сериозен ефект во неколку европски земји и ваквиот ефект ќе се почувствува и во Македонија. За да се воздигне статусот и положбата на здравствениот работник во промоцијата на здравствениот систем, треба да се решат поголем број клучни прашања. Подобрувањето на здравствената состојба и менувањето на здравственото однесување не е задача само за здравствениот сектор, туку мора да биде дел од кохерентна владина политика која ќе ги опфати сите аспекти на социјална, економска и фискална политика - рече Данева-Маркова.

Панелистите потенцираа дека потребни се системски промени и борба, но да се остане дома, да се создава и зајакне здравствениот систем во сопствената држава.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот