X
 21.04.2020 Живот

Концерт на најпознатите ѕвезди во светот како поддршка на здравствените работници

Лејди Гага, Пол Макартни и Били Ајлиш беа дел од големиот број изведувачи, над 100, што пееја од нивните дневни соби поради изолацијата и карантинот.

Членовите на „Ролинг стоунс“ дури и успеаја да свират заедно од четири одделни локации.

Во осумчасовната емисија беа прикажани и приказни од реалниот живот од оние што се во првата борбена линија против Ковид-19.

Лејди Гага, која го водеше настанот, го нарече концертот „љубовно писмо до светот“. Посветувајќи ги настапите на здравствените работници, Гага рече дека музичарите што учествуваат на настанот сакаат да им се оддолжат на здравствените работници.

Пол Макартни ги нарече здравствените работници вистински херои на кризата, потсетувајќи се на неговата мајка Мери, која била медицинска сестра во текот на Втората светска војна.

Со наслов „Еден свет: Заедно дом“, концертот беше организиран од Глобалното граѓанско движење и Светската здравствена организација. Концертот почна со снимка од луѓе кои се во изолација во нивните домови и кои им аплаудираат на здравствените работници од целиот свет - од Франција, Шпанија, Велика Британија, САД и други места.



- До сите наши здравствени работници во првите редови, со вас сме. Ви благодариме што сте таму за нас - пишуваше на екранот.

Приходите добиени од концертот ќе одат во Фондот за солидарно дејствување за СЗО, но Лејди Гага јасно кажа дека концертот не е за собирање финансиски средства, туку повеќе се фокусира на забава и пораки за солидарност.

Прва настапи американската пејачка Андра Деј, која ја испеа баладата „Rise Up“ од нејзиниот дом, поставувајќи го тонот за остатокот од вечерта.

Нијал Хоран, член на групата „Аун дајрекшн“, од својата дневна соба ја изведе песната „Black and White“ на акустична гитара, додека неговиот поранешен колега Лијам Пејн ја изведе песната „Midnight“.

Брендон Флауерс и Роналд Ванучи, членови на групата „Килерс“, изведоа една од нивните најпопуларни песни, „Mr Brightside“, додека Били Ајлиш и нејзиниот брат Финеас настапија со песната „Sunny“.

Џон Леџенд и Сем Смит ја изведоа „Stand by Me“ на Бен Е. Кинг, додека американскиот пејач Адам Ламберт ја испеа „Mad World“.



Британската пејачка Рита Ора ги повика гледачите да останат безбедни и да ги следат препораките на СЗО, пред да ја испее песната „I Will Never Let You Down“.

Во меѓувреме, Ени Ленокс се осврна на заканата на претседателот Доналд Трамп дека ќе ги повлече средствата од СЗО.

- Во овој момент без преседан во историјата имаме одговорност да се осигуриме дека глобалните здравствени системи се доволно силни за да ги идентификуваат и да ги спречат идните пандемии пред да се случат повторно - рече таа, иако не го спомена претседателот Трамп.

Ели Гoлдинг и Кристин + Квинс се осврнаа на проблемите со менталното здравје што произлегуваат од изолацијата и карантинот поради вирусот, повикувајќи ги гледачите да побараат пријател кога ќе се чувствуваат лошо.

За крај на концертот, кој беше наречен концерт на векот, Селин Дион, Лејди Гага, Андреа Бочели и Џон Леџенд ја изведоа песната „The Prayer“.


Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот