Првиот академски час на Факултетот за туризам и угостителство за учебната 2021/2022 година го отвори претседателот на Студентското собрание на ФТУ, Игор Пешевски, кој им посака добредојде на новите колеги. Свое обраќање имаа и продеканот, проф. д-р Александар Трајков, деканот, проф. д-р Цветко Андреески и ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, како и претставник од СН Осигурителен брокер АД Битола и директорот на студентскиот дом „Никола Карев“ .
Претседателот на ФСС, Игор Пешевски, изјави дека Факултетското студентско собрание претставува орган на ФТУ, т.е. единствено легитимно тело каде што студентите имаат своја организација. Целта на ФСС е подобрување и развој на студентскиот стандард. Тој апелира до новите студенти активно да се вклучат и да учествуваат во работата на ФСС. Пешевски се заблагодари за големата поддршка од страна на професорите и управата на факултетот. Студентите што минатата година активно учествуваа и работеа за ФСС добија плакети, со што ФСС им се заблагодари за залагањето.
Од името на компанијата СН Осигурителен брокер АД Битола, новите бруцоши ги поздрави м-р Александра Дуковски. Таа ја нагласи стратешката соработка што СН Осигурителен брокер ја воспостави и развива со УКЛО – Битола, а се однесува на реализација на практична настава на студентите од студиската програма Осигурување во компанијата, стипендии и вработувања на студенти од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, наградни конкурси за студентите од насоката Осигурување и слични активности во насока на поврзување на образованието и практиката.
Продеканот за настава, проф. д-р Александар Трајков, ги запозна студентите со работата на ФТУ. Меѓу другото, нагласи:
- Нашиот факултет е еден од најстарите факултети во Македонија и дел од вториот најстар Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола. Ќе работите со повеќе од 33 професори - доктори на науки од соодветните области на студирање и ќе имате извонредни услови за студирање како што се современо опремени предавални, амфитеатар, кујна, бифе, библиотека, компјутерска училница и ќе имате пристап до учебници и учебни помагала. Факултетот е авангарда во високото образование во Македонија и нуди студиски програми кои се во согласност со побарувачката на труд. Факултетот нуди можност за користење државни стипендии, но исто така и европски стипендии кои би им овозможиле бесплатно студирање во странство.
Деканот, проф. д-р Цветко Андреески, апелира до новите академски граѓани:
- Вие треба да бидете промотори на знаењето и културата на ФТУ и културата на овој град.
Тој додаде дека студентите ќе имаат можност да работат и со професори од странство. Поради пандемијата, наставата ќе се одвива на хибриден начин, дел од наставата ќе се одвива онлајн, а дел со физичко присуство.
Ректорот на УКЛО, Проф. Д-р Сашо Коруновски нагласи дека “образованието е најважниот ресурс на 21век, образованието е нафтата на 21век”. Тој посебно ја нагласи симболиката на локацијата – мудроста која произлегува од учењето и стекнувањето на нови знаења.