X
 06.01.2023 Наша тема

Не се проблем кифличките, руската салата и тортите, туку јадењето сѐ во краток период комбинирано со алкохол, вели експертот за нутриционизам Ивица Јанев

Повременото, кампањско пристапување кон правилна исхрана и физичка активност, потоа прекин со алкохол и големи  количини мрсна, солена, блага храна е најлошата работа што може да му ја направете на организмот. Предизвикувате таков стрес што секако ќе остави последици врз вашиот организам. Направете баланс меѓу храната и вежбањето и супер ќе се чувствувате и ќе изгледате, советува Ивица Јанев

Сармички, кифлички, руска салата, пилешка салата, пифтија, џимиринки, месо во секакви облици и вкусови, торти и разни колачи... Ова се само дел од специјалитетите што ние како нација си ги негуваме и сме познати по нив. Проблемот за нашето тело настанува кога сите овие работи ги јадеме во секакви комбинации во период од неколку дена, односно овој период околу  новогодишните и божиќните празници.

- Интересно е што проблемот на нашата нација не е само во изборот на храната, туку во количината, па и пијалакот со неа. Во Македонија класична седенка, дали во домашни услови или во кафеана, како да не може да се замисли без алкохол и поголема количина храна. Таа седенка секогаш почнува со некоја чашка ракија со салата (одвоено земено, салатата е богата со влакна, витамини, минерали, баш тоа што ни треба, но за жал, со алкохолот нашето тело ја губи способноста за правилна дигестија и апсорпција), па потоа многу месо, претежно црвено, а задолжително да има ребро во фурна, па некое убаво винце... ммм превкусно. Но, на кој момент не сме обрнале внимание?! Што се случува со нашиот организам кога така си седиме и уживаме релаксирани и тоа сето го комбинираме со споменатата храна погоре - вели Ивица Јанев, 36-годишен неготинчанец, кој низ годините живеејќи во САД се образовал на три универзитети кои спаѓаат во топ-5 во светот на нутриционизмот - NASM, ISSA, NCSF.

- Препорачувам по таква седенка следното утро да направете крвна слика. Потоа најверојатно ќе размислите какви седенки ќе практикувате - додава Ивица, кој во САД живеел и работел од 2010 до 2017, а потоа се вратил во Македонија за да работи тука сметајќи дека на нашиот народ му треба професионална помош.

- Имено, јас сум можеби и првиот што започна со онлајн подучување во Македонија и еве до денес, за овие 4 години, бројката на објави на Македонци што успеале да направат промени во нивното здравје и изглед е близу 550, а реалната бројка е најмалку три пати поголема - додава Ивица, кој по само по три дена од одбраната на неговата магистерска теза во Македонија се преселил во САД.

Ивица во 2018 година бил апсолутен победник на Man Muscular Physique World Golden Cup во Белград, а една година подоцна и апсолутен шампион на Македонија во бодибилдинг, како и балкански шампион.

 

Потребен е баланс меѓу храната и физичката активност

За празниците, на македонските софри може да најдеме многу храна, која претежно е богата со калории - енергија. Калориите што се застапени во храната на овие празнични софри не се баш тие што спаѓаат во здравата исхрана и што ни се неопходни.

- Пред сѐ, потребен е баланс меѓу храната и физичката активност. Со храна внесуваме калории, а со физичката активност трошиме калории. Доколку не ги потрошиме внесените калории, ќе дојде до вишок калории=енергија и ќе дојде до складирање на масти. Не само што ќе се складираат масти, туку ќе дојде и до нарушување на крвната слика бидејки ќе имаме вишок масти и ќе дојде до покачување на холестеролот и триглицеридите, кои се главните причинители за кардиоваскуларни заболувања - додава Ивица.

Советот на Ивица е, пред сѐ, за оние што кампањски пробуваат да живеат здраво.

- Повременото, кампањско пристапување кон правилна исхрана и физичка активност, потоа прекин со алкохол и големи несоодветни количини мрсна, солена, блага храна е најлошата работа што може да му ја направете на организмот. Предизвикувате таков стрес што секако ќе остави последици врз вашиот организам. Направете баланс меѓу храната и вежбањето и супер ќе се чувствувате и ќе изгледате - советува Ивица.

Јади салата, пиј ракија и многу вода. Полесно ќе поминеш со калориите

Секоја индивидуа има различна толерантност или нетолерантност на храна. Кога комбинираме различни видови храна, најголем проблем претставува дигестијата на храната, која е условена од видот на храна и начинот на подготовката. Секоја храна има различно време на дигестија, па според начинот на подготовка на храната, тоа време на дигестија се забрзува или се забавува. Од таа дигестија ни се јавуваат мачнини и тешкотии. Особено ако имаме почувствителен дигестивен систем или народски кажано „слаб желудник“.

 

- Доколку искомбинираме храна со значително различно време на дигестија, нашиот дигестивен систем ќе се мачи да ја процесира (свари) и ако на тоа додадеме алкохол, кој може да предизвика одредено ферментирање (да зоврие во стомакот, што би рекле кај нас) доаѓа до особени тешкотии во организмот и честопати резултира со неспособност на дигестивниот систем да ја процесира/свари храната и таа се враќа назад во вид на повраќање. Доколку некој реши да се прејадува, јас ќе речам: НЕ комбинирајте со алкохол... Ама тоа не оди кај нас така, нели, се знае како си личи, мезенце, па ракиичка, па винце или пивце. Па нели пивото не е ни алкохол - се пошегува Ивица.  

Секој си го прави тоа што го сака и потоа си ги сноси последиците, добри или лоши. Животот е награда на нашиот начин на живот, вели Ивица.

- Ако некој се решил на зголемен обем на храна за време на празнициве или за прејадување со пиење, јас велам -  јади салата, пиј ракија и многу вода. Полесно ќе поминеш со калориите, а може и ќе те боли глава следниот ден, па ќе ја научиш лекцијата - објаснува Ивица.

Според Ивица и неговото искуство, процентот на свест во насока на здрава храна и вежбање сѐ повеќе се зголемува и од година на година расте.

- Мојот совет е по некој полош период на храна и неактивност, полека да се вратите на еден нормален живот на живеење, со соодветна физичка активност и здрава исхрана - завршува Ивица.

фото: Лична архива

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема