Слушаме за случаи на заразување со ковид-19 на лица што веќе примиле вакцина против болеста, иако најчесто тие се со послаби симптоми. Голем дел од овие случаи се за лица што примиле само една доза од вакцината.
Кајли Квин од Универзитетот РМИТ во Мелбурн и Џенифер Џуно од Институтот за зараза и имунитет „Питер Доерти“ пишуваат за „Конверзејшн“ дека вакцините против ковид-19 стануваат целосно ефикасни околу две недели по втората доза. Ова се заклучоците од клиничките испитувања на вакцините.
Тоа значи дека се потребни две недели по примањето на втората доза за вакцината речиси целосно да спречи појавување на тешки симптоми или смрт од болеста, значајно да го намали појавувањето на симптоми, како и да ја намали шансата за заразување и пренесување на други лица. Секоја доза има позитивни ефекти бидејќи дури и со една доза имате мали шанси да ги имате споменатите поволности, но две дози ги зголемуваат овие шанси, пишуваат Квин и Џуно.
Сепак, тие предупредуваат дека дури и со две дози постојат мали шанси да се заразите, да развиете симптоми и да го пренесете вирусот.
Фото: Pixabay
Гледајќи на достапните вакцини против ковид-19, онаа на „Фајзер“ нуди некаква заштита 12 дена по првата доза, а е многу ефикасна за спречување тешки симптоми четири недели по вакцинирањето. Според истражувања спроведени порано, првата доза од оваа вакцина е 50%-90% ефикасна во спречување зараза. Лицата што примиле една доза од оваа вакцина имаат 50% помалку шанси да ја пренесат болеста дури и доколку се заразат.
Кога станува збор за вакцината на „Астра зенека“, една доза е околу 65% ефективна во спречувањето зараза и до 50% ефективна во спречување пренесување на коронавирусот. Слично како и вакцината на „Фајзер“, онаа на „Астра зенека“ го намалува ризикот од развивање тешки симптоми четири недели по првата доза.
Според истражувачите, потребни се барем десет дена за имунолошкиот систем да започне да создава антитела што ќе го препознаат коронавирусот. Од друга страна, втората доза го активира имунолошкиот систем многу побргу и антителата се зголемуваат за повеќе од десет пати за една недела или две.
Фото: Pixabay
Сепак, луѓето не треба да се опуштат по добивањето на првата доза бидејќи тоа е ризично, предупредуваат Квин и Џуно. Освен тоа, овие истражувања за ефикасноста на вакцините се спроведени на постари соеви на коронавирусот, за кои се претпоставува дека потешко се шират.
Според прелиминарни податоци, две дози од вакцината на „Фајзер“ нудат заштита од 88% против симптоматско заразување со индискиот сој, а една доза има ефикасност од 33%.
Треба да се напомене и дека имунолошката реакција на една доза од вакцините се намалува со возраста. Анализа за вакцините на „Фајзер“ и „Астра зенека“ покажала дека помладите лица се подобро заштитени по примање една доза, но нема разлика кога се примени двете дози.
Извор:
The Conversation