Ништо на светот не е поопасно од искреното незнаење и свесната глупавост.
- Мартин Лутер Кинг
Додека сме во очекување на пикот на пандемијата Ковид-19 и ги гледаме здравствените власти и експерти како секојдневно „кинат нерви“ да се објаснат и докажат зошто мерките се оправдани и како благодарение на нив успеавме да ја ублажиме епидемиолошката крива и да не предизвикаме оптоварување на здравствениот систем, несомнено од целата оваа ситуација – како сценарио за некој хорор-филм каде што неочекувано се јавуваат повеќе непријатели, заклучуваме дека покрај вирусот SARS-CoV-2 ние имаме и други (можеби уште поопасни) непријатели, а тоа се човековата неедуцираност и неодговорност.
Од аспект на еден студент по медицина, самата пандемија со сите ограничувања и заштитни мерки што ни ги донесе не се толку опасни и неподносливи колку што е критична состојбата со здравствената неукост на населението и недовербата во здравствените власти, лекарите и другите здравствени работници.
Од целава ситуација можеме да заклучиме дека образованието е најбитен сегмент во едно општество. Ако децата уште од мали нозе се стекнат со основни, но клучни знаења од областа на природните науки и граѓанското образование и истите знаења континуирано ги надградуваат во текот на целиот задолжителен образовен процес, тие деца ќе пораснат во возрасни индивидуи кои најпрво ќе знаат што е вирус, ќе разликуваат вирус од бактерија, ќе бидат свесни дека како граѓани имаат должност да се придржуваат до заштитните мерки и ќе знаат зошто тоа МОРА да биде така.
Нема да веруваат (или барем не во толкава мера) во бесмислени лажни вести кои кружат по секој втор веб-портал и нема толку лесно да потпаѓаат под нивно влијание.
Наместо тоа, имаме луѓе што завршуваат формално образование, (не)функционално, (не)писмени, па потоа се подложни на верување на различни теории на заговор и како такви се опасност за целото општество. Пошироката народна маса нема општа здравствена култура, на што секојдневно сме сведоци по социјалните мрежи каде што читаме различни коментари од „онлајн-експерти“.
Иста/слична слика гледаме и по маркетите, парковите, банките и институциите. И така е за сѐ, за сите болести и општествени предизвици.
Очекуваме вакцина која ќе ни помогне во борбата против вирусот, но свесни сме за опасноста од антиваксерите и нивната пропаганда против вакцините. Затоа, сметам дека е круцијално важно да се работи на подигнување на здравствената култура, бидејќи во спротивно нема да ги добиеме целосно посакуваните ефекти од вакцините.
По пандемијата мислам дека треба да се променат многу работи. Колку порано реагираме и се обидеме да ги решиме проблемите, толку подобро ќе се справиме со следната пандемија или епидемија, која кога-тогаш ќе дојде и може да биде уште поголема и потешка од оваа.
Наша должност е да ја дочекаме подготвени.
Пишува: Мила Младенова, студентка по медицина, Медицински факултет – Скопје