X
 06.09.2022 Здравје

Совети за идните лекари од познат српски доктор: Медицината се заснова на докази, а не на верувања

Српскиот радиолог Александар Ивковиќ на својот блог напиша текст за идните лекари. Според него, лекарите од неговата генерација потфрлиле во некои работи, а нивните најголеми грешки се генерализацијата, анегдоталните решенија, магичните решенија и бегањето од одговорност.

Како што пишува тој, секој пациент има различен животен пат и медицински развој, а дури ни идентичните близнаци не се навистина идентични. Затоа е погрешно да се смета дека секој од нас мора идентично да реагира на сè.

- Прво, родени сме различни. Второ, развојниот пат ни бил различен. За тоа како ќе дејствува некој лек или терапија не е пресуден само тој лек или терапија, туку и сè што претходно се случило во организмот. Ништо не е универзално. Многумина го разбираат тоа кога ќе се соочат со фактот дека лековите не дејствуваат исто на оние што претходно биле здрави и на оние што се пијанеле, пушеле, дрогирале, живееле во загадени средини, се прејадувале - пишува Ивковиќ.

Втората грешка на денешните лекари се анегдоталните решенија. Ова е кога лекарите сметаат дека нешто е лек само доколку некогаш му помогнало некому.


Фото: Twitter

- Кај сериозните болести, кога терапијата е успешна, често доаѓа до лажно влошување на состојбата. Најчесто е видливо кај туморите. Туморите во текот на лекувањето растат, почнуваат да се распаѓаат во себе, се создава реакција во организмот која може да биде проследена со температура, болки, слабост. Тука се појавуваат измамниците со чудесни лекови кои ветуваат излекување по неколку месеци. Навистина доаѓа до подобрување, но тоа е производ на лекувањето, туморот почнува да се намалува, се намалуваат и сите тегоби. Не помогнал измамникот, напротив. Подобрувањето во кое се вмешани измамниците може да доведе до престанок на лекувањето - пишува лекарот.

Тој додава и дека денешните лекари често веруваат во магични решенија, а такви не постојат. Лек кој дејствува на една болест нема да дејствува на друга, пишува тој. Истиот лек за различни болести може да биде фатален.

Конечно, грешка на денешните лекари е и бегањето од одговорноста.

- „Ти ги давам сите лекови за секој случај, да покриеме сè“. Што покриваш? Своето незнаење, неодговорност. Звучи неверојатно, но огромен број лекари за време на епидемијата не научија ни основни работи за болеста. Мене тоа ми е неспоиво со разумот - напишал Ивковиќ.

Тој продолжува со неколку основни факти што треба да ги знаат идните лекари.

- антибиотиците не лекуваат вирусни инфекции;
- пробиотиците не лекуваат вирусни инфекции, ниту задолжително се даваат со антибиотиците, ниту пак треба да се пијат освен кога е посочено;
- витаминот Де не е чудесен лек кој им се дава на сите по секоја цена;
- хлорокин не лекува вирусни инфекции;
- ивермектин не лекува вирусни инфекции;
- суплементите не лекуваат вирусни инфекции, воопшто не лекуваат инфекции;
- вакцинацијата е објаснета пред над 200 години, а во некои облици се применува над 1.000 години;
- алтернативните методи се обична измама.

- Значи, драги идни колеги, ако веќе сте одлучиле да се занимавате со медицина, тогаш правете го тоа како што е исправно. Медицината се заснова на докази, а не на верувања. Ако погрешно ја вршите својата работа, нечие здравје ќе биде оштетено, некој ќе изгуби живот. Од друга страна, може сè да направите исправно и пациентот да страда. Нека не ви биде тешко за секого да издвоите време и внимание. Вие сте тука поради пациентот, впрочем затоа добивате плата. Пациентите не дошле да ви се восхитуваат на вашето его, туку затоа што морале, болеста ги принудила. Идни колеги, медицината не е работа, тоа е животен пат. Лекари сте и додека спиете, имате обврска, должност да им помагате на луѓето. Тие немаат обврска да ви се восхитуваат вас, запомнете го тоа - завршува Ивковиќ.

Извор: Ljudi i lazi
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје