Главниот град на Австрија повторно го зазеде второто место на светската листа за квалитет на животот, а истражувањето покажа што е пресудно за квалитетно секојдневие, според граѓаните.
Виена со години е при самиот врв на светските листи со најпосакувани градови за живеење, а новото истражување на виенскиот Економски универзитет покажа што неговите жители, но и граѓаните низ цела Австрија, сметаат дека е најважно за квалитетот на животот во главниот град.
Според Глобалниот индекс за квалитет на животот што го објавува списанието „Економист“, Виена и оваа година е меѓу најквалитетните градови во светот, заземајќи го второто место. Сепак, меѓународните рангирања главно ги оценуваат стабилноста, здравствената заштита, образованието и инфраструктурата.
Универзитетот во Виена отиде чекор понапред и ги праша граѓаните што мислат дека е важно за квалитетен живот во градот.
Резултати од истражувањето
Одговорот е прилично јасен. На врвот на листата се најдоа музеите, универзитетите, локалните компании и болниците, додека политичките институции како владите, парламентите и политичките партии се оценети значително послабо.
Истражувањето, спроведено на повеќе од 1.700 луѓе низ цела Австрија, покажа дека квалитетот на животот граѓаните, пред сѐ, го поврзуваат со секојдневниот живот во градот, културата, образованието, здравствената заштита, локалното работење и просторите за социјална интеракција.
– Нашето истражување покажува дека луѓето силно го поврзуваат квалитетот на животот со пристапот до културата, образованието и просторите за креативно дејствување - објаснува главната авторка на истражувањето, Ангела Самуел.
Според нејзините зборови, на квалитетот на животот граѓаните првенствено гледаат од перспектива на секојдневниот градски живот, додека помалку внимание им посветуваат на формалните политички структури. Едно од можните објаснувања за ваквиот став е падот на довербата во политичките институции низ цела Европа.
Квалитетот на животот зависи и од тоа кој има право на глас
Истражувањето го отвори и прашањето за вклучувањето на различни групи во животот на градот. Во експериментите истражувачите утврдија дека луѓето поголемо влијание им припишуваат на актерите кои имаат повеќе права на глас, подобро го познаваат јазикот и даваат поголем економски придонес.
Тоа покажува дека некои групи полесно се доживуваат како легитимни учесници во обликувањето на градскиот живот отколку други.
- Квалитетот на животот зависи и од тоа чиј придонес се признава, чии интереси се земаат предвид и кој може да учествува во обликувањето на градскиот живот - истакнува коавторката на истражувањето, Катарина Динхоф.
Градовите што сакаат да го задржат високото ниво на квалитет на животот не би требало да ги набљудуваат само формалните показатели за учеството на граѓаните, туку да се осигурат дека во процесите на одлучување се одразува разновидноста.
Фото: magnific