Иако Националната американска агенција за истражување на океаните и атмосферата советува луѓето да се засолнат на безбедно кога ќе забележат молњи, пилотот Крис Холмс не можел да го следи овој совет од едноставна причина - затоа што не се наоѓал на нашата планета.
Имено, кога областа над Мексиканскиот Залив на 15 октомври ја погоди невреме, тој немал каде да се скрие.
- Летав на околу 10.000 метри над Мексиканскиот Залив, близу полуостровот Јукатан. Тогаш забележав необична молња. Суперќелијата создаде многу исправени млазови што скокаа нагоре, од површината на облакот. Беше најневеројатното нешто што сум го видел во мојата кариера - вели Холмс.
Всушност, Холмс имал блиска средба со гигантски млаз што понекогаш се нарекува највисоката молња на Земјата бидејќи достигнува до јоносферата, на висина 40 до 50 километри над земјата.
Од површината на нашата планета речиси е невозможно да се види дното на овој млаз, па така синиот млаз првпат бил снимен во 2001 година за време на една океанска бура. Потоа повторно бил снимен во 2002 година над Јужното Кинеско Море, а траел речиси една секунда.
Оттогаш биле фотографирани само десетина гигантски млазови.
- На оваа
снимка убаво се гледа врвот на облакот од каде што настанува млазот, што обично не можеме да го видиме на Земјата - изјави Оскар ван дер Велде од Политехничкиот универзитет во Каталонија.