X
 06.11.2021 Здравје

Преработената храна може да биде виновна за лошото помнење

Преработената и рафинирана храна не му е позната на микробиомот на нашите црева, па ваквиот начин на исхрана би можел да предизвика воспаленија во мозокот кои влијаат врз помнењето. Затоа, процесираните намирници како грицките, слатките, газираните сокови и сувомесните производи не се добри за мозокот, но и за генералното здравје.

Истражувањата покажале дека постојаната консумација на рафинирани јаглехидрати и заситени масти може да предизвика метаболички нарушувања, а хипокампусот, кој е одговорен за помнењето, е чувствителен на ваквите промени, особено кај постарите лица. Затоа, исхраната богата со преработени намирници со рафинирани јаглехидрати може да ги наруши когнитивните функции, да ги зголеми воспаленијата, но и да предизвика зголемување на телесната тежина.


Фото: Pixabay

Истражувачки труд од научници на Универзитетот на Охајо тврди дека омега-3 масните киселини може да ги намалат негативните ефекти на преработената храна врз когнитивните функции и помнењето кај постарите. Сепак, многу научници се скептични за заклучоците од ова истражување и тврдат дека ниту еден вид храна не би можел да го спречи напредувањето на најтешките деменции или Алцхајмеровата болест.

Истражувачите го анализирале влијанието на исхраната богата со преработени намирници врз меморијата кај глувците и се обиделе да видат дали омега-3 мастите во облик на суплементи може да го намалат негативниот ефект. Тие откриле дека постарите глувци што јаделе брза храна со многу масти имале послаба меморија и повеќе воспаленија во различни делови од мозокот. Овој ефект не бил забележан кај помладите глувци.


Фото: Pixabay

Според истражувањето, омега-3 мастите може да ги поништат негативните ефекти на лошата исхрана врз мозокот до одреден степен. Сепак, овие суплементи не влијаеле врз сите гени што се анализирале во истражувањето, што значи дека тие не мора нужно да ги анулираат негативните ефекти од рафинираната храна.

Не е јасно дали истите заклучоци може да се донесат и за луѓето.

Извор: Eklinika
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје