X
 07.06.2022 Живот

Прекрасно видео од Јупитер направено од фотографии што ги испраќа леталото „Џуно“

Мисијата „Џуно“ на НАСА продолжува да дава вредни научни информации за Јупитер. Исто така, ова вселенско летало испраќа неверојатни слики од најголемата планета во Сончевиот Систем.

НАСА неодамна сподели серија фотографии што ви овозможуваат барем малку да доживеете од искуството на „Џуно“ за време на неговото 41. блиско прелетување на Јупитер, кое се случи на 9 април. Инструментот „Џунокам“ направи фотографии додека се доближуваше на нешто повеќе од 3.000 километри над вртливите облаци и бурите на овој гасен џин.

Научникот Андреа Лак ги состави сликите од необработените податоци за да го создаде овој анимиран поглед кон Јупитер.

1
Фото: NASA/JPL-Caltech/SwRI/MSSS/AndreaLuck

Кога стигна до 3.000 километри над површината на атмосферата на Јупитер, вселенското летало патувало со над 200.000 километри на час. Во една објава НАСА даде споредба за да се контектстуализира каков неверојатен подвиг е тоа што „Џуно“ продолжува да ги прави овие блиски прелетувања. Леталото беше повеќе од десетпати поблиску до Јупитер отколку што сателитите во геосинхроната орбита се до Земјата. Истовремено, леталото патуваше со брзина околу петпати поголема од мисиите „Аполо“ кога ја напуштија Земјата за да одат на Месечината.

НАСА го лансира „Џуно“ во 2011 година со цел да обезбеди вредни сознанија за Јупитер. На почетокот од 2021 година НАСА ја прошири мисијата на „Џуно“ и го прошири фокусот кон прстените и месечините на Јупитер, вклучувајќи блиски погледи на месечините Ганимед, Европа и Ио. Мисијата на „Џуно“ ќе трае до септември 2025 година, додека функционира леталото.

Извор: Thrilllist.com
Фото:  Kevin M. Gill/NASA/JPL-Caltech/SwRI/MSSS
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот