Јас сум за да останеме тука, во Македонија, да бидеме упорни, истрајни, да бидеме дисциплинирани во работата, редовно да учиме, да уживаме во тоа што го правиме и да не се плашиме од предизвиците. Само на тој начин ќе ги решаваме проблемите, а нема да бегаме од нив
Ѓунтер Мерџан
Ресенчанецот Ѓунтер Мерџан е најдобриот дипломиран студент на Економскиот факултет од Скопје за генерацијата 2016/2017. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ му го додели ова признание, за кое Мерџан вели дека му претставува инспирација и поттик за поголеми успеси.
- Да се биде најдобриот студент во генерацијата на најпрестижната високообразовна институција и лидер во образованието на кадри од областа на економијата и бизнисот во Македонија е истовремено чест и задоволство, но и огромна одговорност и мотив во иднина да работам уште понапорно – вели Ѓунтер, кој е ангажиран како демонстратор на Катедрата за економија и е запишан на магистерски студии по економски развој и меѓународни финансии на истиот факултет.
Каков студент бевте? Дали оценките Ви значеа дури студиравте или си дојдоа сами по себе?
- Бев одличен ученик на природно-математичкото подрачје во гимназијата „Цар Самуил“ од Ресен. Морам да признаам дека до почетокот на студиите немав допирни точки со економијата. Повеќе ме привлекуваа математиката и природните науки. Но, се одлучив да студирам економија откако почина мојот татко, кој беше одличен економист и работеше во Управата за јавни приходи. Поради тоа што на почетокот немав познавања во оваа област, искрено, не ми значеа оценките, сакав само да ги положам колоквиумите/испитите, а не ни замислував да ги завршам студиите како најдобар студент.
Интересно беше што доста брзо и одлично се приспособив, првите оценки ми беа високи и како што поминуваше времето, мојата самодоверба растеше, а економијата сè повеќе ме привлекуваше. Откако увидов дека можам успешно да продолжам понатаму, внимавав на оценките и на просекот.
Но, ако сте примерни и имате високи оценки, не мора да значи дека ќе успеете во животот; постојат многубројни приказни од луѓе што не биле добри ученици/студенти, а успеале во животот. Клучот колку ќе успееме во реализирањето на нештата, зависи од зрелоста на личноста и од нејзината способност самата себе да се мотивира. Многу е важно да бидеме истрајни и да уживаме во она што го преземаме. Дисциплината во работата и редовното учење исто така се дел од успехот.
Кој дел од економијата најмногу Ве интересира?
- Солидното економско образование им овозможува на студентите да ги стекнуваат способностите на ефикасното користење на ретките ресурси; разбирањето на човековото однесување, вредносни системи и нивното влијание врз однесувањето и личноста на еден човек; исто така, способностите за формирање бизнис и реализирање проекти преку користење и управување со расположливите ресурси.
Бев студент на општа економија; се стекнав со продлабочени знаења од областа на економијата и со специфични вештини за примена на ова знаење во практиката. Особено се интересирав за правење анализи на основните макроекономски агрегати и утврдување на нивната меѓусебна условеност; правење анализи за компатибилноста, ефикасноста и импликациите од преземените економски политики.
Исто така, ме привлекуваат и квантитативните методи на макро и микроекономската анализа во анализата на моделите на економскиот раст.
Конкретно барав одговори на следните прашања: Зошто луѓето сè уште умираат од глад, иако во светот постојат доволни ресурси за сите? Зошто доходот по глава на жител покажува големи разлики помеѓу земјите, а особено помеѓу северната и јужната полутопка на Земјата? Зошто луѓето со високо образование не можат да најдат работа? Како некои фирми иако имаат мали пазарни учества, можат да ги контролираат цените? Зошто фирмите одат на производна диференцијација?
Економската наука постојано бара и предлага решенија за овие проблеми.
Мерџан заедно со професорите Борче Треновски (лево) и Трајко Славески
Имате ли инспиративни професори?
- Да, има професори од кои црпиме инспирација. Чест и задоволство ми е да работам со нив. Уште еднаш сакам преку вашиот портал да им се заблагодарам на Економскиот факултет и на моите професори, кои ме ангажираа и ми дадоа можност да соработувам со нив.
Уште од мал сакав да бидам професор, да работам со млади, да работам чесно и успешно. Да се биде учител, наставник, професор е една од најблагородните, најубавите професии, која бара голема посветеност и одговорност. Се надевам дека ќе успеам да ги остварам моите желби.
Би промениле ли нешто во Вашето студирање или што сакате да беше поразлично?
- Можам да кажам дека продолжувам на ист начин. Не би променил ништо, само повеќе би инсистирал на примена на моите досегашни знаења во практиката. Повеќе би ги користел математичките и статистичките методи и економетриските модели при решавањето на проблемите од економската теорија и пракса.
Што би им препорачале на матурантите што сакаат да се запишат на Економскиот факултет?
- Економскиот факултет при УКИМ е лидер во формирањето кадри од областа на економијата и бизнисот во Република Македонија. Студираме по наставен план и наставни програми кои се оценети како современи и компатибилни со тие на водечките економски факултети од целиот свет. Нашиот слоган „Традиција, Знаење, Иднина“ би требало да соодветствува со визијата за нивната иднина.
Знаеме дека младите чекаат многу за своето прво вработување, знаеме дека платите се ниски, а условите лоши. Овие причини ги бркаат младите од Македонија. Но, не можеме да го решаваме проблемот со бегање во странство. Така само ќе го одложуваме решението на проблемот, а како резултат на тоа ќе страдаат многу идни генерации. Јас сум за да останеме тука, во Македонија, да бидеме упорни, истрајни, да бидеме дисциплинирани во работата, редовно да учиме, да уживаме во тоа што го правиме и да не се плашиме од предизвиците. Само на тој начин ќе ги решаваме проблемите, а нема да бегаме од нив.