Италијанските радиостаници можеби ќе мора да го намалат времето на емитување странска музика доколку се усвои закон предложен од националистичката и антимигрантска Лига. Инспириран од сличен закон во Франција, Алесандро Морели го претстави предлог-законот со кој најмалку една третина од музичкото време на радио мора да им се посвети на домашни музичари.
- Ние имаме позитивен пристап. Не сакаме да ја забраниме странската музика, напротив. Тоа не е музички протекционизам, тоа е разумно промовирање на италијанската култура - истакна Морели.
Тој наведе статистички податоци според кои уделот на италијанската музика на десетте најпопуларни италијански радија од 35 отсто пред една деценија опаднал на 23 отсто.
Морели, кому ова му е прв пратенички мандат, истакна дека како тинејџер сакал хеви-метал, а „помеката“ италијанска музика почнал да ја цени кога пораснал. Но, неговиот предлог не наиде на добри реакции.
Музичкиот новинар Ернесто Асанте во телевизиска дебата со Морели рече дека неговиот закон би можел да им го отежни животот на тематските радиостаници, кои се фокусирани на одредени жанрови во кои има малку или нема добри италијански уметници.
- Да се присили станица која пушта џез да емитира 33 отсто италијанска музика би било апсурдно, како на кинеските ресторани да им се нареди на менито да имаат една третина италијанска храна - рече тој.
Исто така, се поставува прашањето како би се применувал овој закон на италијанските музичари што пеат на англиски јазик, што е релативно честа појава. Морели рече дека таквите детали би можеле да се разработат со музичката
индустрија.