Македонската илустрација до 1990 година ќе биде во фокусот на изложбата што ќе биде поставена во рамките на меѓународниот фестивал за детска илустрација и литература „Литера“, кој ќе се одржи на 13 и 14 април во Музејот на современата уметност во Скопје.
Посетителите ќе имаат ретка можност да погледнат дел од националното културно богатство, дела кои ги краселе страниците на детски списанија, лектири, учебници, илустрации со кои пораснаа многу генерации. Квалитет, уникатен ликовен ракопис и колорит кои ќе ги разбудат спомените. Создадени во време кога дигиталниот свет не постоел и кога сè било креирано со човечка рака и многу трпение, овие дела се вистинско национално богатство, кое треба да претставува „лектира“ за новите генерации илустратори во државата.
- Ретроспективната изложба на илустрации се случува во време кога нашите деца се преокупирани со компјутерски игри, мобилни телефони и новата „видеокултура“. Преку оваа изложба, која е прва од ваков карактер кај нас, ќе се запознаат со каква естетика растеле нивните родители и припадниците на генерациите што растеа пред и во текот на деведесеттите години од минатиот век. Оваа изложба е одлична шанса и нашите помлади илустратори да се запознаат со работата на оние што ги поставија темелите на илустрацијата кај нас - вели Урош Вељковиќ, кој е дел од тимот на фестивалот„Литера“ и задолжен за организација на ретроспективната изложба.
Годинава посетителите ќе имаат ретка можност да ги погледнат и да евоцираат спомени со илустрациите на авторите: Младен Туниќ, Жарко Туниќ, Орде Маневски, Ацо Цветковски, Ацо Каевски, Мирослав Вељковиќ - Мишо, Томо Шијак, Томче Маневски, Стоилчо Георгиевски - Цоне, Димче Исаиловски и Димитар Божиков – Мичо.
Ретроспективната изложба на македонската илустрација до 1990 година ќе биде дел од првиот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера 2019“, кој ќе се одржи претстојниот викенд во Музејот на современата уметност во Скопје.