X
 08.05.2022 Наука

Истражувачи откриле 16 различни начини на спиење кај луѓето

Систематскиот преглед на податоците за спиењето на повеќе од 100.000 луѓе во Обединетото Кралство откри 16 различни начини на кои спиеме. Кластерите еден ден би можеле да им овозможат на експертите подобро да дијагностицираат несоница и прединсомнија кај поединци.

Истражувањето се базира на податоци од паметните белегзии што учесниците ги носеле на рацете, а кои ги искористи „Биобанк“ од Обединетото Кралство за да ги одреди нашите модели на будност и сон. Ова било направено со мерење на движењата на рацете и грчењето на учесниците во текот на неколку дена.

Резултатот од долгорочното истражување беше „реалниот свет на сонот“, кој ја покажа големата разновидност на шемите на циклусот на спиење.

Генерално, кластерите се поделени во пет широки категории (од 1 до 5). Оние што спаѓаат во првата категорија генерално доживуваат несоница со долго времетраење и состојба на „полубудност“, нешто што го доживуваме кога ќе се разбудиме во средината на ноќта.

На другиот крај од спектарот, луѓето што спаѓаат во петтата категорија, спијат цела ноќ без да дремнуваат во текот на денот.

Кластерите од 2 до 4 дополнително се поделени на а и б. 2а, на пример, е кластер на оние што покажуваат нередовни распореди за спиење, веројатно како индикација за работа во смени.

2б, пак, авторите го дефинираат како фрагментиран сон со кратко времетраење на спиењето во целина.

3а е кластер на оние што доживуваат несоница со нормално времетраење на сонот, а 4а ги вклучува оние што страдаат од несоница со кратко времетраење на сонот.

За работите да бидат покомплицирани, кластерите 3б и 4б се дополнително поделени на осум поткатегории на фрагментиран сон.

spienje
Фото: Freepik

3б-1 е голем кластер и ги вклучува оние што спијат длабоко, но не можат лесно да заспијат откако ќе се разбудат. 3б-2 се краткотрајните спијачи кои покажуваат мешавина на кратко будење и подолго време поминато зјапајќи во таванот.

4б-1 е уште еден голем кластер и ги вклучува луѓето што спијат долго. Во 4б-2 се вклучени утринските луѓе, а во 4б-6 се сместени ноќните птици.

Авторите ги дефинираат 4б-4 и 4б-5 како прединсомнија. Кластерот 4б-5 покажува помалку фрагментиран сон во целина. 4б-3 генерално има пократок 24-часовен периодичен циклус на спиење и будење кој не се синхронизира со вообичаениот деноноќен циклус во зависност од тоа дали некој работи или е на одмор. Ова е познато и како „социјален џет-лаг“.

Групите идентификувани во тековното истражување се комплицирани и разновидни и можат да бидат значајни за идните истражувања.

Авторите се надеваат дека систематскиот и непристрасен метод што го развиле еден ден ќе се поврзе со други лични информации, како што е моментална болест, мината медицинска историја, лекови, образовни професии и животниот стил, што можат да помогнат за подобро разбирање на статусот на здравјето на поединецот.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука