X
 08.11.2021 Наука

Kовид-19 најверојатно ќе стане ендемична болест. Дали ова веќе се случува во Португалија?

Додека делови од светот се подготвуваат за уште една зима во која ќе се борат против пандемијата, многумина сè уште се прашуваат кога сето ова конечно ќе заврши. За жал, одговорот може да биде - никогаш. Имено, многу експерти не веруваат дека овој вирус некогаш ќе биде искоренет, туку веруваат дека ќе стане ендемична болест.

Идејата дека вирусот САРС-КоВ-2 ќе стане ендемичен не е толку нова. Светската здравствена организација (СЗО) ја претстави оваа теорија во мај 2020 година.

- Овој вирус може да стане само уште еден ендемичен вирус кој циркулира во нашите заедници и можеби никогаш нема да исчезне - рече Мајкл Рајан, тогашен извршен директор на Програмата за итни здравствени состојби на СЗО.

Неколку месеци подоцна, во ноември 2020 година, слични коментари дадоа здравствените власти на САД.

- Мораме да планираме дека можеби ќе треба да имаме постојана контрола над ова. Ова може да биде нешто што ќе стане ендемично - рече водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи.

Дали ова веќе се случува во Португалија?

„Волстрит журнал“ пишува дека ковид-19 веќе стана ендемичен во Португалија, а причината за тоа е што земјата има најголема стапка на вакцинација против коронавирус во Европа.

Иако делта-сојот ја опустоши Португалија на почетокот од 2021 година, земјата сега е во „период на транзиција“ од пандемична во ендемична.

- Никој никогаш нема да го заборави минатиот јануари, но сега ковид-19 е ендемичен и мораме да научиме да живееме со овој вирус. Го вакциниравме речиси целото население и вирусот сè уште циркулира, што покажува дека нема да исчезне - вели Марија Мота, извршна директорка на лисабонскиот Институт за молекуларна медицина.

Што е ендемична болест?


Во моментов ковид-19 сè уште се смета за пандемија (ширење на заразна болест во широки географски региони, континентални или глобални размери).

- Пандемија е кога има огромен, експоненцијален раст на инфекции. Бројот на инфекции расте со брза стапка и секој ден имаме поголем раст на случаи од претходниот ден - рече д-р Пери Н. Халкитис, декан на Факултетот за јавно здравје „Рутгерс“.

Ендемичната болест е на другиот крај од тој спектар. Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) наведува дека ендемичното „се однесува на постојано присуство и/или невообичаена преваленца на болест или инфективен агенс кај популација во географска област“. Ендемично не мора да значи ниско ниво на инфекција, туку ниво кое останува релативно константно во одреден временски период.

вакцина
Фото: Freepik

- Ендемична болест значи дека ќе стане дел од заедничката група на вируси што ги гледаме практично на годишно ниво - вели вирологот и микробиолог Педро Пиедра од Медицинскиот колеџ „Бејлор“. Сезонскиот грип е пример за ендемично заболување, кое се јавува секоја година во одреден временски период. Кога вирусот е ендемичен, неговите нивоа се константни во текот на годината, но може да се зголемат во одредени периоди од годината.

Кога ковид-19 може да стане ендемична болест?

Многу е тешко да се предвиди кога ковид-19 би можел да стане ендемичен, особено затоа што не постои јасна граница кога циркулацијата на вирусот оди од пандемија во ендемија.

Но, добар показател е бројот на репродукција R, или математичка претстава за ширењето на вирусот. Бројот на репродукција покажува колку луѓе ќе бидат заразени од заразено лице.

Според студијата објавена во јули 2020 година во американското списание „Емерџинг инфекшс дизизес“, просечната вредност на R за ковид-19 била приближно 5,7, што значи дека секое лице заразено со коронавирус може да зарази околу пет или шест други лица.

Оттогаш, репродуктивниот број на R во САД и на други места во светот се намали.

- Колку е поголем R, толку побрзо се шири болеста. Како што расте бројот на случаи, расте и репродуктивниот број - вели Халкитис и додава дека R може да варира од регион во регион.

- Ако репродуктивниот број се држи стабилно или на 1, или под 1, тоа може да сигнализира дека ковид-19 преминува во ендемски статус - вели Халкитис. Всушност, тој смета дека ковид-19 веќе стана ендемична болест во САД, односно дека ќе продолжи да постои во одредени области и нема целосно да исчезне.

Ковид-19 веќе е ендемична болест


Експертот за заразни болести Амеш, А. Адаља од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, исто така, верува дека ковид-19 веќе стана ендемичен во САД.

- Сметам дека ковид-19 е веќе ендемична болест. Тоа значи дека станува збор за вирус што ќе остане присутен и ќе мора да се приспособиме на него. Тоа е вирус кој беше предодреден да биде ендемичен - единствениот аспект што ќе се промени со текот на времето е неговата способност да го загрози капацитетот на болниците - вели Адаља.

Вирологот Пиедра, сепак, не е убеден дека ковид-19 стана ендемична болест.

- Има уште многу граѓани што можат да се разболат. Ако продолжиме да имаме бранови во текот на годината, а не само еднаш годишно, не сме го стигнале ендемичното ниво - вели Пиедра.

Извор: Health.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука