X
 09.02.2023 Образование

Професор во Болоња, професор во Скопје и наставник кој си поднел оставка кажуваат што би смениле во македонското образование

Само во текот на изминатата година македонското образование се соочи со голем број предизвици, почнувајќи од недостигот на учебници, па сè до катастрофалните услови во студентските домови. Голем број од проблемите во македонското образование имаат длабоки корени, но се чини дека решенија нема ни на повидок.

Затоа решивме да креираме една замислена ситуација во која нашите читатели би ја имале моќта да променат нешто во македонското образование и направивме анонимна анкета од само едно прашање: Што би смениле во македонското образование?

Добивме навистина голем број одговори, од кои голем дел беа навистина опширни и конструктивни предлози на читатели, меѓу кои се најдоа и професори од факултети во земјава и надвор од неа, но и наставници кои го напуштиле образованието и се префрлиле во приватниот сектор.

- Ќе си дадам оставка и ќе ја препуштам работата на професионалец, т.е. човек што држел дневник в рака и што ги знае проблемите во образованието. Но, не за џабе рекле - ако сакаш да уништиш една нација, уништи ѝ го образованието - пишува дипломиран професор по одделенска настава кој си дал отказ поради, како што пишува, катастрофалните „реформи“ и нефункционално образование и работи во приватна фирма.

Добивме одговор и од професор на еден од државните факултети во Скопје. Тој смета дека треба да се размисли дали треба слепо да се прифаќаат странски програми.

- Ќе направев напори да го усогласам системот на основно и средно образование од пред 20 години со денешниот и тоа преку примена на учебници, збирки и сл. кои беа водилки во образованието пред 20 години со вклучување компетентни лица за адаптирање на тие учебни помагала со денешните ин (out) учебници. Зарем слепото прифаќање на некои програми, макар биле и од ЕУ, кои го назадуваат образованието вреди да се ин? Целта на образованието е да создадеме кадри кои ќе се подобри од најдобрите, како што впрочем беше пред 20тина години - напиша професор на еден од факултетите во Скопје.

Можеби најдеталната анализа и конкретен предлог за реформирање на македонското образование ги добивме од професор на Универзитетот во Болоња. Тој во шест точки опиша што точно треба да се преземе за да се подобри македонското образованието, а во продолжение интегрално ви го пренесуваме неговиот став.

1. Укинување на државната матура и враќање на приемните испити на секој од факултетите на сите универзитети. Цел: да постои реално рангирање и оценување на идните студенти, секој да го добие заслуженото место согласно своите вештини и квалитети, односно потенцијалот и знаењето кои ги поседува од средното образование. На овој начин индиректно ќе се подобри и квалитетот на основното, односно средното образование.

2. Поставување директори на училиштата, декани на факултетите и ректори на универзитетите од странство (избрани, еминентни професори). Цел: не бидејќи во Македонија нема квалитетен кадар кој би раководел со институциите, туку заради тоа што тој квалитетен кадар е безгласна именка и никогаш не може да дојде до раководната позиција која ја заслужува, поради медиокритетите кои закржлавено владеат. Тоа е причината зошто целото образование оди во надолна линија.

3. Казни за сите студенти што на каков било начин ќе се обидат да фатат врски за полесно да положат, во превод да добијат бланко-оценка без учење. Цел: редно е веќе да се стави ред на оценките добиени со врски. Цело време се зборува само за децата на функционерите, бизнисмените и богатите. Ајде на истиот список да ги ставиме, односно отстраниме, и сите оние што немаат „грб“, но самите, наводно со сопствен труд ги „заработуваат оценките“, ама во секој случај без учење. Само така ќе имаат иднина студентите кои часовите ги поминуваат во учење.

4. Наоѓање механизми за задржување на најдобрите студенти на матичните универзитети, да не се дозволи да се одлеваат во странство. Но, не само на хартија, туку на дело. А тоа ќе се постигне само кога од пиедесталот ќе се отстранат студентите кои „ги заработуваат оценките“ без учење. Оти вистински квалитетните студенти се алергични на ваквите „колеги“ и решението им е да ја напуштат Македонија. Цел: кога квалитетните студенти ќе си ги најдат своите позиции во општеството, сите работи ќе се одвиваат на повисоко ниво, поквалитетно и поефикасно - оти учеле и научиле, што е дијаметрално спротивна разлика од „заработување на оценките“ без учење.

5. Повлекување на диксриминирачкиот дел од Законот за високо образование кој се однесува на непотизам при вработување на студентите на факултетите каде што имаат вработен во крвно сродство до кој и да е степен во лева и десна линија. Дискриминирачки и неетички е на ваков начин да се бркаат дел од најдобрите студенти. Наместо тоа, може да се воведе екстра бодовна листа каде што ваквите кандидати ќе мораат да прикажат научни публикации, учества на конференции и сл., односно реално и квантитативно да се измери нивното знаење, не само преку просекот. Цел: да се престане да се навредуваат сите професорски деца и да се ставаат во ист „кош“. Крајно време е да се раздвојат оние што вистински стекнале знаење од оние што добиле подарени десетки!

6. За сите што се во наставно-научно/стручно звање на универзитетите: задолжително при изборот во звање како услов да се воведе објавување на научни трудови во списанија на SCI листа. Цел: само на ваков начин ќе се подигне местото на секој универзитет на која било од листите за рангирање на универзитетите. Вака како што е сега - доброволно сакаат да творат само вистинските интелектуалци (професори), а таквите се бројат на прсти и не се доволни да го подигнат местото на универзитетите. Ова е задолжително на многубројни светски универзитети.

Анкетата ја пополни крајно депримиран, разочаран, најдобро-дипломиран студент на еден од државните универзитети во Македонија, кој го најде своето место во странска земја бидејќи Македонија беше глува за вистинскиот квалитет. Ама светот тоа го препозна. Сакам, преку своето искуство и преку оваа анкета да помогнам во подобрувањето на условите во Македонија за сите идни генерации и да нема повеќе вакви случаи како мене. Сега сум професор на Универзитетот во Болоња - за тука вредам, ама за македонскиот универзитет каде што се школував - не вредев апсолутно ништо, вредеа оние со подарените десетки.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование