X
 09.03.2022 Култура

Преубавата, ранета Украина: Запознајте ги атракциите и знаменитостите со кои оваа земја се гордее

Деновиве секојдневно слушаме за Украина поради страшната војна што се случува во таа земја, мислите на целиот свет се со нејзините жители, а пораките за поддршка наизменично се менуваат со конкретни акции за помош..

Решивме да се потсетиме на неколку неверојатни глетки, атракции, замоци и природни убавини на оваа земја, со надеж дека наскоро повторно ќе можеме да ги посетиме и што поскоро ќе владее мир.

Украина е горда на својата богата култура, прекрасните православни цркви, плажите на Црното Море, планините и шумите... Секој агол на Украина е уникатен. Ви пренесуваме неколку атракции и знаменитости:

Љубовен тунел: Старата железница ја обожаваат љубовните парови

ukraina
Фото: Instagram

Едно од најфотографираните места во Украина се наоѓа недалеку од Клеван. Станува збор за стари железнички пруги кои го опфаќаат и штитат зелениот дрворед од сите страни, создавајќи магично шеталиште долго малку повеќе од три километри. Патот датира од советско време кога, според некои приказни, дрвјата биле намерно пуштени да пораснат за да го покријат транспортот на воена опрема. Локацијата особено ја сакаат заљубените парови, а легендата вели дека ако прошетаат низ тунелот и заедно замислат желба, таа ќе се оствари доколку нивната љубов е вистинска.

Тврдината Тараканив: Мистични ходници што ги интригираат авантуристите

2
Фото: Instagram

Остатоците од некогашната тврдина Тараканив се наоѓаат на околу два часа возење од Лавов, во близина на селото Дубно, а со својот мистичен изглед и тајни што ги кријат, отсекогаш ги интригирале авантуристите. Тврдината била изградена за да ја заштити пругата што ги поврзувала Лавов и Киев во втората половина на 19 век, а денес е главно покриена со дрвја. Во неа се влегува преку тунел, има многу ходници и тајни премини за истражување, од кои некои се толку тесни што не им се препорачуваат на клаустрофобични луѓе.

Чернобил, Припјат: Поглед на последиците од огромната нуклеарна несреќа

3
Фото: Freepik

Местото на страшната експлозија на нуклеарната централа што се случи во Северна Украина во 1986 година е отворено за посетители од 2002 година, но само во придружба на овластени туристички агенции. За несреќата беа снимени документарни филмови, филмови и неодамна успешната ТВ-серија на Ејч-би-о, по што интересот за местото дополнително порасна. За време на посетата можете да видите напуштени згради, панорамско тркало кое никогаш не почнало да се врти, да дознаете детали за несреќата и тажната судбина на луѓето кои или загинале или морале засекогаш да го напуштат својот град.

Поранешната претседателска палата Межихирија го прикажува раскошниот живот на корумпираниот претседател

палата
Фото: Freepik

Поранешната палата на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович се наоѓа на брегот на реката Днепар во Киев. Денес, екстравагантната и луксузна зграда е симбол на алчноста и корупцијата што го одбележаа владеењето на Јанукович. Во рамките на имотот има тениски терени, рампа за слетување на хеликоптер, терени за голф, стрелиште, ловиште... Можете да го посетите музејот со егзотичните и скапи автомобили на Јанукович и да видите други примери на екстраваганција, како претседателската фарма и загреано езеро.

Замокот од бајките Камјањец-Подлиски крие многу тајни

ukraina
Фото: Instagram

Замокот од бајките во Камјањец-Подилски од 11 век е атракција што не смее да се пропушти. Со своите шилести кули и црвеникавиот камен, изгледа мистично и ве кани да истражувате, а најубаво е навечер кога е осветлен од светла во бои. Иако е стар неколку века, добро е одржуван, има кафуле и тоалети, а најдобро е да го посетите во придружба на водич кој ќе ви ги открие сите тајни од неговото бурно минато.

Национални паркови: Од магични шуми до прекрасни кањони и езера

park
Фото: Freepik

Украина е земја со прекрасна природа и дефинитивно вреди да се запознаете барем со дел од неа. Националниот парк Шацки езера е дом на прекрасни шуми, магични плажи и живописни езера. Езерото Свитијас, кое се наоѓа во паркот, е најдлабокото во Украина, а го нарекуваат и „Сини очи“ поради кристално чистата вода. Националниот парк Бузки Гард е место со прекрасни кањони и островчиња на бреговите на реката Бузк, што е исто така многу популарно за рафтинг.

Моќна архитектура и вибрантен европски дух

Задолжителна дестинација е главниот град Киев, прекрасно место полно со манастири, цркви со златни куполи, шармантни улици и интересни примероци од советската архитектура. Тој е еден од најстарите градови во Европа, датира од 482 година и бил под руска и германска окупација. Киев е жив град, полн со барови, музеи, културни настани, вистинска метропола.

kiev
Киев/Фото: Freepik

Еден од најубавите украински градови е Лавов, кој го нарекуваат и „Париз на Украина“. Целиот стар дел е под заштита на УНЕСКО, архитектурата е неверојатна, а градот е полн со пријатни изненадувања.

lavov
Лавов/Фото: Freepik

Во украинското пристаниште, градот Одеса, посебно внимание привлекува зградата на операта и балетот, која е изградена пред повеќе од 200 години. Оваа зграда е прекрасна однадвор, но гледањето претстава во тој театар е посебно искуство.

odesa
Одеса/Фото: Freepik

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура