Поминаа девет години од несреќата во нуклеарната централа во Фукушима, а научниците сè уште не знаат колку е опасен пределот околу централата. Затоа, истражувачи се обидуваат да ја измерат радиоактивноста во регионот со помош на змии.
Научниците прикачиле ГПС-уреди и уреди за мерење на радиоактивноста на змиите и ги пуштиле околу централата. Експериментот се очекува да им помогне на властите да направат план за управување со земја од над 1.100 квадратни километри што останува заградена околу централата.
Според истражувачите, змиите биле одбрани бидејќи може да бидат и предатори и пленови, а со тоа може да внесуваат потенцијално штетни материи од пленот што го јадат, но и да бидат извор на штетни материи за други животни што ги јадат нив. Така, доколку змиите се изложени на високо ниво на радиоактивност, изложени ќе бидат и другите животни, па научниците може да измерат каква е еколошката состојба на земјата.
Според првичните резултати, нивото на радиоактивност се разликува во однос на локацијата, што на одреден начин зависи од подземната почва. Змиите биле изложени на различни нивоа на радиоактивност дури и кога живееле во ист дел од локацијата, што значи дека оценувањето на состојбата на земјата околу централата е покомплицирано отколку што се мислело.
Сепак, научниците заклучиле дека следењето на змиите и на други диви животни е корисен начин за мерење на радиоактивноста во регионот и се надеваат дека понатамошното следење ќе им даде повеќе информации.
Извор:
Futurism
Фото: Pixabay