Дeменцијата е дегенеративна болест која, и покрај децениските истражувања, ниту еден познат лек не може да ја запре или да ја врати во претходната состојба.
Сепак, еден психоделик со контроверзно минато се појавува како можен нов пат за контрола на симптомите на Алцхајмеровата болест, бидејќи невронаучниците почнуваат да истражуваат дали псилоцибинот, психоактивната состојка на магичните печурки, може да помогне во заштитата на мозокот што старее.
Неодамнешна студија на случај од Бразил укажува на оваа интригантна можност, пишува „Сајенс алерт“.
Во извештајот се наведува дека пациентка во своите 80-ти години со напредната Алцхајмерова болест, по земањето висока доза печурки со псилоцибин, привремено ја вратила контролата над мочниот меур и способноста за зборување.
Трудот, напишан од невронаучници во Бразил, посочува дека дошло до значителни подобрувања на когнитивните и физичките функции на пациентката, кои траеле неколку недели по примените дози.
-Овие наоди не треба да се толкуваат како пресврт на патологијата на Алцхајмеровата болест. Наместо тоа, тие ја отвораат можноста дека во поодмината фаза на невродегенерација можеби постојат латентни функционални способности кои под одредени невромодулаторни услови можат да станат привремено достапни - вели невронаучникот Маркос Лаго од Универзитетот во Сао Пауло.
Со други зборови, псилоцибинот би можел да помогне во пристапот до мозочните региони погодени од деменција и на тој начин привремено да ги ублажи симптомите, иако оваа идеја засега останува шпекулативна. Експерименталното лекување со псилоцибин е спроведено под клинички надзор во Бразил, со писмена согласност од законскиот старател на пациентката.
Прва доза и драматично подобрување
Возрасната жена со деменција прво примила исклучително висока доза од 5 грама печурки кои содржат псилоцибин, што ја довело во долготрајна состојба слична на длабок сон. Пред експерименталното лекување, пациентката можела да изговара само едносложни зборови, ретко започнувала комуникација и во голема мера била зависна од туѓа помош во основните секојдневни активности.
Околу 19 часа по оралната доза, жената одеднаш почнала да зборува сама со себе, што траело неколку часа. Во следните неколку дена пациентката наводно успеала да го контролира мочниот меур, самостојно да се облекува и да оди, како и да учествува во разговор, одржувајќи контакт со очите и возвраќајќи со насмевка.
-Враќањето на контролата над мочниот меур по повеќе од пет години хронична инконтиненција е особено значајно, со оглед на тоа што континенцијата зависи од интегрираната интероцептивна свест, извршната инхибиција и функцијата на фронто-инзуларната мрежа - пишуваат истражувачите кои стојат зад студијата на случај, меѓу кои се и невролозите Маријана Цервеира и Џо Ксавиер Симонето.
Втора сеанса и понатамошен напредок
Поради ветувачкиот и долготраен одговор на псилоцибинот, еден месец по првата сеанса на пациентката под строг надзор ѝ биле дадени уште 3 грама печурки. За време на втората сеанса таа не заспала, туку во текот на целото време била вербално изразена. Опишувала емотивни сцени, како што е сурфањето со својот син на мирен остров.
Важно е да се напомене дека истражувачите во Бразил не ја следеле состојбата на сон на пациентката, ниту мозочната активност за време на нејзиното „патување“, ниту користеле стандардизирани когнитивни скали за проценка на нејзината состојба.
-Овој извештај треба да се сфати првенствено како детален набљудувачки опис наменет за создавање хипотези за идни контролирани истражувања - пишуваат авторите и додаваат дека „систематското истражување е оправдано“.
Нова надеж
Една пилот-студија за когнитивниот пад веќе е започната, а проценува дали псилоцибинот, применет во контролирана средина, може да ја намали депресијата и да го подобри квалитетот на животот кај лица со благо когнитивно оштетување или во рана фаза на Алцхајмерова болест.
-Кај некои групи пациенти псилоцибинот се покажа како многу корисен во намалувањето на депресијата и анксиозноста, како и во подобрувањето на квалитетот на животот. Таквите придобивки би можеле да бидат многу корисни и кај популацијата со Алцхајмерова болест - објасни невронаучникот Алберт Гарсија-Ромеу, кој на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ ги истражува психоделичните терапии.