По девет години практикување на методот, комплетно си ја излекував мојата распарчена нога, сега немам никаков проблем. Се изборив и со мојата депресија, се изборив со вишокот килограми. Девет години не знам што е никаква болест, мојот имунитет е пресилен, вели Бети Котовчевска
Бети Котовчевска, позната како Бетика, учествуваше во Зимската експедиција на Вим Хоф и беше единствена претставничка од Македонија што ги искачи Алпите во шорцови и маичка, а воедно и најмлада во експедицијата. За да го оствари својот сон, таа долго време имаше тренинзи на издржливост, ги тестираше своите граници, го
практикуваше дишењето на методот на Вим Хоф во целост.
- Сиве овие години тренирав со надеж дека еден ден ќе одам на негова експедиција. Експедициите на Вим Хоф се многу скапи, не би можела сама да си ја овозможам, па решив да побарам помош од моите обожаватели, на кои секојдневно им делам совети и им помагам во нивното патешествие. Баш во ова интервју сакам да им се заблагодарам на сите, да не бевте вие, мојот сон потешко ќе се оствареше! Експедицијата се одвиваше седум дена во Франција, во единствниот Вим Хоф центар во срцето на Алпите. Експедицијата се состоеше од секојдневно медитирање, дишење, капење во кадички со 80 отсто мраз, во реки и водопади. На крај се искачивме на Алпите само во шорц и маичка. Експедицијата на Вим Хоф беше предводена од неговиот ученик Леандре, впрочем и најјак инструктор кој ги има положено сите 3 главни модули. Ми се оствари сонот - ги искачив Алпите во шорц и маичка - ни изјави нашата соговорничка Бети.
Со солзи, секој ден ги рушев границите
Примената на методот на ледениот човек Вим Хоф почнала откако Бетика преживеала тешка сообраќајна незгода, во која ја повредила едната нога.
- Докторите ми рекоа дека е можен доживотен инвалидитет. Јас бев едно хиперактивно дете, професионално се занимавав со ракомет сѐ до мојата сообраќајка. Тогаш ми се сруши целиот свет што со години го градев, се сруши сѐ. Изгубив волја за живот, паднав во тешка депресија, бев врзана за кревет. Имав премногу слободно време и почнав да истражувам. Отсекогаш за себе си велев дека сум дете на природата и пред тоа секогаш сум се лекувала со алтернативна медицина. Истражував како да се излекувам. Па така склопчена во четири ѕида, налетав на мојот втор татко Вим Хоф. Почнав полека да се едуцирам, ја научив целата теорија, но во практика бев скептична, бев уплашена, мразев ладна вода, секогаш се капев со жешка - ни сподели Бети.
Вели дека се фасцинирала од животната приказна на Вим Хоф.
- Иста болка делевме - тој за смртта на неговата жена, јас за смртта на она разиграно дете што бев. Кога навлегов подлабоко, сфатив дека човекот ништо не измислува, ова е метод кој сите наши предци го користеле бидејќи не секогаш имале топла вода. Ме фасцинира тоа што ладното те враќа длабоко во себе, навлегуваш во твоето тело, твојот ум, тука не постои никој, само ти, твојот здив и прекрасниот сегашен момент. Јас не ги тестирав границите, јас се борев со себе и кога сите доктори ми велеа дека ќе имам инвалидитет, не се откажував, јасно ме водеше желбата, кога мојата психичка состојба беше на дното, јас си велев: Ајде, Бети можеш ти, ти ќе одиш пак, ќе се излекуваш, ќе бидеш подвижна. Бев толку малечка, имав само 18 години, а истовремено и толку борбена. Секогаш си ти, сам наспроти себе... Си дадов аманет! - Јас ќе ја продолжам животната приказна на тоа незапирливо хиперактивно дете, во солзи секој ден ги рушев границите - споделува Бети.
Устата е за јадење, носот за дишење
Примената на методот почнува со триесет секунди во ледено студена када. Вели дека процесот на секојдневна примена на техниката на Вим Хоф воопшто не ѝ бил лесен.
- Мојот процес беше многу тежок, секојдневна борба со себе, го мразев секое утро затоа што знаев дека тренингот мора да биде завршен за да си ја оздравам ногата. Почнав со ладна вода само на ногата, ги мразев тие 30 секунди од дното на душата... Полека почнав да применувам сѐ што научив додека лежев во креветот, зборовите на Вим Хоф ми одѕвонуваа додека го доживував шокот. Си велев: „Диши Бети, сега си во контрола, не дозволувај шокот да те контролира.“ Денес сум во комплетна контрола, ладната вода ми стана секојдневие. Денес живеам, секое утро се будам за тие 30 секунди што преминаа во многу повеќе минути, во среќа и задоволство. Чувството што го добивав по секое впуштање во ладна вода, тоа прекрасно и незаборавно чувство ме води сиве овие 9 години. Чувството на живост, будност, среќа, сила, едноставно како што јас љубам да кажам - (љ)убавина - објаснува таа.
Според нејзиното искуство, нашето тело е многу моќно и приспособливо, по одреден период телото се навикнува на минусните температури во вода.
- Овој метод има три главни фази: аклиматизација, дишење преку дијафрагма и да бидете истрајни, мозокот секогаш ќе ви наоѓа милион причини зошто да не го направите тоа, ќе ве манипулира. Бидете посилни! Главната техника на овој екстремен спорт е правилно дишење на дијафрагма, вдишувате на нос, го водите воздухот до дијафрагмата, а потоа нежно испуштате преку устата. Вим Хоф ме научи како да дишам правилно, тој вели дека устата е за јадење, а носот за дишење - споделува Бети.
Девет години не знае што е болест
Најекстремниот подвиг го постигна минатата година во Лапонија. Се капеше во замрзнато езерце на -34 Целзиусови степени.
- Имав тим што ме следеше, моето тело беше во комплетна благосостојба. Граница ни е мозокот, кога ќе го зауздате мозокот, веќе немате никаква граница. Нивото на издржливост е многу високо затоа што со правилно дишење веќе не чувствувате ладно. Издржлива сум премногу, но секогаш имам граница затоа што ладното може да ни биде топол пријател, но исто така може и да нѐ убие. По девет години практикување на методот, комплетно си ја излекував мојата распарчена нога, сега немам никаков проблем. Се изборив и со мојата депресија, се изборив со вишокот килограми. Комплетно се излекував, а тоа беше мојата мисија. Девет години не знам што е болест, мојот имунитет е пресилен, се чувствувам силна и здрава - дополнува Бети.
Фото: приватна архива