X
 10.07.2019 Живот

Министер за образование ја разлути јавноста - Малала ќе треба да ја симне марамата ако сака да предава во Квебек

Министерот за образование на канадската покраина Квебек се соочува со критики поради твитање фотографија од него со добитничката на Нобелова награда за мир, Малала Јусафзаи, откако неговата влада им забрани на вработените во јавната администрација да носат марами како нејзината.

Министерот Жан Франсоа Роберж потоа привлече уште повеќе критики откако твитна дека ако оваа 21-годишна едукациска активистка би требало да предава во Квебек, не би можела да ја користи религиозната марама што вообичаено ја носи.

Неговиот коментар доаѓа по помалку од еден месец откако Квебек одобри закон со кој им се забранува на јавните службеници како наставници, полицајци и судии да носат религиозни симболи, вклучително и хиџаби, турбани и крстови.

Критичарите велат дека забраната на нефер начин ги таргетира муслиманките, додека поддржувачите велат дека легислативата е наменета за одржување на секуларната природа на провинцијата.

Малала се сретна со министерот во Франција за да разговара за пристапот до образование и меѓународниот развој. Откако министерот ја сподели фотографијата со Малала, еден новинар го праша како би одговорил тој ако Малала сака да стане наставник во Квебек. Министерот одговорил дека тоа би била голема чест, но дека во Квебек, како и во Франција и во други отворени и толерантни земји, наставниците не можат да носат религиозни симболи додека си ја вршат работата.

- Ова е хистерично и трагично апсурдно. Ова ја покажува природата на тоа што се случува кога ќе почнете да воведувате закон кој се одделува од граѓанските слободи на луѓето. Тоа води до апсурд, неуставни последици што имаат уништувачки ефекти на начинот на кој луѓето можат да живеат и како можат да се чувствуваат како граѓани - истакна Мустафа Фарук, извршен директор на Националниот совет на канадски муслимани (НЦЦМ).
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот