Во недела, на 20 јануари, луѓето што живеат на западната хемисфера ќе можат да го доживеат единственото целосно затемнување на Месечината оваа година. Феноменот на суперкрвава, волчја Месечина, кога се чини дека е поголема од вообичаеното, ќе биде видлив во Европа, Азија, Африка, Северна Америка, Јужна Америка, Пацификот, Атлантикот, Индискиот Океан и Арктикот.
Суперкрвава, па и уште волчја Месечина звучи како страница од „Самрак“, но секој збор има свое значење. За разлика од целосното затемнување на Сонцето, целосното затемнување на Месечината може слободно да се набљудува без заштита на очите.
Месечината е „крвава“ поради темноцрвената боја со која сјае кога ќе се најде во сенка на Земјата. Зборот „супер“ се користи за означување на „супермесечина“. Овој поим всушност не е астрономски, туку астролошки и се однесува на положбата на Месечината во перигеум. Тогаш Месечината е 14 отсто визуелно поголема и 30 отсто посјајна од вообичаено. Астрономите и психолозите сѐ уште не успеале целосно да ја објаснат оваа појава.
Ваквата Месечина ќе биде видлива за сите луѓе на западната хемисфера на 20 и 21 јануари, а што и колку ќе можат луѓето да видат, зависи од тоа дали небото ќе биде чисто или облачно. Во текот на првиот час Месечината ќе помине низ различни фази и ќе добие портокалова и црвена боја - слично на Марс.
Во 5:43 часот по наше време, Месечината ќе почне да сјае со темноцрвен сјај, а нејзината боја може да варира зависно од атмосферските услови. Затемнувањето ќе трае до понеделник, 21 јануари.
Ова ќе биде последното затемнување на
Месечината до 2021 година. Не постои гаранција дека универзумот ќе се усогласи за следното затемнување да падне за време на супермесечина и којзнае кога повторно ќе слушнеме за поимот суперкрвава волчја Месечина.