Откако Фондот за здравствено осигурување одлучи овие две лабораториски услуги да ги стави на позитивната листа, дел од матичните не можеа да дадат упати за нив, а потоа дел од оние што се обиделе да ја добијат оваа услуга биле враќани
Ковид-позитивни пациенти кои се на домашно лекување и имаат уреден упат од матичниот лекар за лабораториските услуги Д-димери и ЦРП во установи кои имаат договор за правење услуги на државна сметка, треба да ги добијат овие анализи на државна сметка, т.е. за нив да платат само партиципација, објаснуваат од Фондот за здравствено осигурување. Без разлика дали лабораторијата е државна или приватна, доколку има договор со Фондот, т.е. пациентот добил уреден упат од матичниот лекар, таа не смее да го врати пациентот, ниту да му наплаќа приватно за услугите. Сите што ќе бидат вратени треба да го пријават случајот во Фондот за здравствено осигурување, велат оттаму.
Откако Фондот за здравствено осигурување одлучи овие две лабораториски услуги да ги стави на позитивната листа за ковид-пациенти, дел од матичните не можеа да дадат упати за нив. Потоа дел од оние што се обиделе да ја добијат оваа услуга биле враќани или, пак, услугите им биле приватно наплатувани, иако поседувале уреден упат од матичен лекар за таа намена.
Од Фондот велат дека неколку дена матичните лекари преку системот „Мој термин“ не можеле да креираат соодветен упат зашто одлуката сè уште не била објавена во „Службен весник“ и се сметала за нефункционална. Оттаму тврдат дека сега проблемот е надминат.
- Од минатата недела сè функционира нормално и пациентите можат да добијат ваков упат. Доколку во одредени лаборатории не им биде овозможена оваа услуга, тие можат да ни се обратат и нашите служби ќе ги процесираат случаите - посочуваат од Фондот.
Целта на оваа одлука на ФЗО беше да ги направи овие испитувања на крвта подостапни за пациентите болни од Ковид-19 зашто се многу важни во процесот на нивното лекување.
Многу пациенти реагираат дека не можеле да направат бесплатни лабораториски испитувања на Д-димери и ЦРП со различни образложенија од државни и приватни лаборатории.
Има пациенти кои имаат потреба да ги следат овие параметри на секои 4 до 5 дена, што значи дека за лекување од Ковид-19, само за крвна слика, односно токму за овие две лабораториски услуги требаше да платат повеќе од 3.000 денари.
На приватно за Д-димери се наплаќа околу 800 денари, а за ЦРП цената е околу 300 денари.
Матичната докторка Лилија Дервишова-Чолакова, претседателка на Здружението на приватни лекари, потврди дека ваков упат може да се креира во „Мој термин“.
Инаку, одлуката заедно со упатот за испитување на овие лабораториски ставки била објавена во „Службен весник“ уште на 21 декември 2020 година.